Имаме нов материјал, среќни сме и подготвени и желни да ве гледаме на концерти, рече Бранко Николов, вокалистот на македонската група „Фолтин“, на промоцијата на новиот албум на групата „Симултан бакнеж“, што се одржа на платото пред МКЦ во Скопје.
И покрај високите температури голем број новинари и почитувачи на групата присуствуваа на промоцијата на новиот носач на звук на овој уникатен бенд, кој, како што рече продуцентот Пеце Талески, е една од најоригиналните појави на македонската музичка сцена.
– Музиката ја правевме од срце, со широка прегратка за вашите души и уши. А дали албумот е посебен ќе покаже времето, но едно е сигурно, ние не сакаме песни што пополнуваат метража. Инаку краток е материјалот, но четирите песни се за четирите комори и предкомрои на срцето – рече Бранко Николов.
Албумот „Симултан бакнеж“ има 4 песни, снимени во студио „Алшар“ во Скопје, во номеври и декември 2020 година. Одличната фотографијата и дизајнот на обвивката на албумот се креација на Ѓорче Ставревски.
Од вчера може да се погледне и спотот за песната „Кој може да расипе еден ваков ден“, во режија на Милена Виитман, која ја потпишува и режијата на видеозаписот за песната „Ми се води љубов“ од претходниот албум.
Продуцент на видео записот е Пеце Талески, а како извршни продуценти се јавуваат Милена Виитман и Илија Тирицовски. Директор на фотографија е Мајкл Ривас, а актери се Рио Раш и Ниша Вирмани. Видео записот е снимен во Берлин.
Издавач на албумот, што може да се купи во сите музички продавници кај нас, но и на платформите: Јутјуб, Спртифај, АјТјунс, е „ОХО Продукција“, продуцент е Пеце Талески, а извршен продуцент е Илија Тирицовски.
Басистот на „Фолтин, Гоце Јовановски најави повеќе концерти на групата низ Македонија и во странство ова лето.
– Наскоро не очекуваат настапи во Струга на 25 јули, на 29 јули сме во Прилеп и на 31 јули во Велес, концерти организирани со помош на локалната самоуправа, центрите за култура и Министерството за култура. На 22 август ќе имаме концерт на плажата „Оревче“ во Охрид, а потоа ќе гостуваме на џез-фестивал во Банско, Бугарија и во септеври треба да настапиме во Санкт Петербург, во Русија – најави Јовановски. М.Т.