Надолго и нашироко е пишувано во светот и кај нас за местото и улогата на пропагандата и за нејзината моќ да ги заведува луѓето и на таа тема нема да се соопшти нешто оригинално ново. Пропагандата и контрапропагандата се како брат и сестра сијамски близнаци, две усти од една глава, алатка што може да возвиши и алатка што може да уништи. Неоспорно е дека и македонските стручњаци, следејќи ги светските процеси, се трудат да се доближат до тие трендови кога станува збор за рекламирање одделни производи. За разлика од нив по квалитет, интересност, привлечност и убедливост, со децении доцни пи-арот на власта и на партиите, сите од ред. Тој сѐ уште вози по пруга од која се искорнати шините и затоа нивниот воз наместо да стигне до вистинската станица се превртува на првата кривина.
Пример за некомпетентност, за нелогичност, за извртеност ми се двата пропагандни пристапа на Владата и на Социјалдемократскиот сојуз на Северна Македонија поврзани со португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија и воведувањето еколошка – зелена такса за нафтените деривати. Како што е познато, предлогот на Португалија (претседавач на ЕУ) за евентуално надминување на бугарската блокада на Македонија е една од главните политички теми. Предлогот на цела уста го фалат претседателот на Владата, задолжените министри Бујар Османи и Никола Димитров, други министри, некои упатени во него и други владини институции и личности и без да го виделе. Од сите нив не само што е означен како многу добра појдовна основа туку ја добива и оцената одличен и прифатлив за македонската страна. Така ја убедуваат јавноста.
Исто така е познато дека оваа одлична појдовна основа е тајна, власта ја крие од граѓаните, не го објавува документот. Него цел свет го знае, само македонските граѓани не го знаат. Се чува како да е невина девојка, а е пробиван од многу страни. Сега следува прашањето: ако е одличен зошто е криен и зошто сѐ уште се крие? Кому би му наштетило нешто што е одлично, можно и прифатливо. Ако се крие убавото, како би се постапувало со грдото? Што би се случувало ако не е блиску до одличен, ниту многу добар, туку заслужува да му се залепи една голема единица во дневник, еден „кец“ за кој нема поправен испит. На сите им е јасно дека ништо не останува тајно, сите политички искуства од недемократски земји покажуваат дека она што се криело подоцна се откривало и се враќало со ефект на бумеранг. И удирало по чело.
Владината пропаганда тврдеше дека во тој блиску до одличен документ не биле тема идентитетот и јазикот. Кртот што го откопа, вчера – завчера, изнесе на видело дека таму се и историјата и јазикот и идентитетот, за кои, наводно, не се преговара по никоја цена. А апла се гледа дека се преговара, дека и во португалското писание е истакнат ставот на Бугарија не на Македонија. Секој што знае да чита ќе прочита дека пред 1944 г. немало Македонци на планетата Земјина, на картата балканска. За сѐ што се спори во сегашните силни бугарски напади и во македонските млаки одбрани главни се идентитетот и јазикот. Тоа е клучот, јазикот заедно со идентитетот е топката што се шутира цела година од секоја можна позиција.
Не мора да се биде баба Ванѓа за да се предвиди дека колку побрзо овој документ го види светлото на денот објавен во целост, толку побрзо ќе се намалат шпекулациите, толку побрзо Заев помирно ќе спие, ако го фаќа сон воопшто. Колку што португалскиот предлог ќе се појавува парче по парче, толку Македонија ќе биде распарчувана, дел по дел, без граѓаните да бидат свесни што на крајот ќе им се случи. Кога ќе се разбудат, доцна ќе сфатат што направил постојано будниот Заев додека тие спиеле.
Вториот повод за овој текст е воведувањето на зелената такса токму во светлите моменти на Демократската унија за интеграција, која се обои во зелено и ќе ги користи зелените придобивки од државата. Еколошката такса што требаше да почне да се дава (зема) од вчера, ќе почека, но ќе профункционира, без сомнение, нема нешто што оваа влада наумила, а не го спровела, со такса или без неа. Таксата што ја наметнува државата, која порано се викала данок, намет, арач, главарина, а имала и други имиња низ сторијата, ќе значи секој граѓанин што користи нафтен дериват да плаќа 3,5 денари по литар. Ова ќе биде добивка за властите, загуба за граѓаните, практика што на овие простори ја применувале римските императори, византиските василевси, не останале подолу ни турските султани, на тие пари се насладувале и демократски и диктаторски власти. Не можејќи да ги контролираат фирмите што го носат најлошиот бензин во Европа, а од тоа профитираат огромни неконтролирани пари, не сакајќи да ги отстранат или затворат загадувачите на околината, властите се одлучија за најлесната варијанта – да се празни џебот на обичниот човек. Тој не знае да се буни ни да протестира, уплашен е.
Еколошката такса е испофалена од Владата, од нејзини високи претставници, од министри, од пратеници, од разни функционери на СДСРСМ (Социјалдемократски сојуз на Република Северна Македонија, така би се викала по ново). Сите говорници, плус членови на некои партиски комисии, погодуваа во центар со мислењето дека плаќањето по 3,5 денари повеќе за литар бензин (дизел, нафта) е за доброто на граѓаните. Било за нивно добро затоа што ќе имале големи бенефиции во иднина. На човека да му се наполни душата од милина што ќе плаќа поскапо. Лично не можам да разберам што бенефиции ќе имам од тоа што ќе плаќам поскап бензин, и онака не трошам многу. Нека се радуваат на бенефициите оние што полнат по два-три резервоари, за нив и така ниту една цена не е висока. Таков е примерот со владините автомобили, за кои нема ден-ноќ, возат турбо.
Е, сега, нешто за логиката на соопштенијата и пропагандата на СДСМ по овој повод. Како што видовме (гледаме), нивните пратеници, нивните претставници, постојани или повремени портпароли, се упорни да ги убедат граѓаните дека поскапувањето на бензините ќе биде за нивно добро. Во некоја иднина преку тие пари граѓаните ќе уживаат во природните убавини на зачуваната еколошка средина, ќе ги грее сонце дење и ноќе, ќе јадат само органска храна и нема „да пијат нафта“ како што мисли власта дека пијат. Воведувањето на еколошката такса покажува дека државата не е мајка на народот, туку негова маќеа.
Ако се применува логиката што ја користат корифеите на пиарот на партијата, од утре, па натаму би требало да го поздравуваат речиси секое поскапување како бенефиција за граѓаните. А тоа може да го прават секој ден, таа партиска активност може да им донесе големи бенефиции не само на граѓаните туку и на партијата. Секој ден, нов ден, нови цени, нова конференција за медиуми каде што се поздравува денот кога граѓанинот го празни својот џеб. Да го поздравуваат поскапувањето на маслото, месото, млекото, да организираат една убава парада на поддршка кога ќе поскапи лебот, поскапување од кое сите ќе имаат некаква бенефиција. Да ракоплескаат на секое поскапување на струјата, водата, комуналиите и да објаснуваат дека сето тоа е бенефиција за граѓаните, за да може и тие да се радуваат, колку посиромашни толку посреќни. Секој ден да ги поздравуваат новите фабрики за преработка на отпад увезуван од странство. Бенефиција, бенефиција, тоа е омилениот збор на оваа власт од која нема човек што нема некаква бенефиција од неа. Добра или лоша – важно да се има бенефиција. Белким тој збор некој ден може да се претвори во бенефиција, т.е. Владата да донесе одлука граѓаните да купуваат бенефициран бензин, на нивна штета, а во владина корист.
Но да не се залажуваме. Тоа е успешната пропаганда: црното да го направи бело, белото црно, поразот да го прикаже како победа, власта како најумна, граѓаните како најглупи. Способност на секоја власт е кога те убедила дека нешто ти дава, а всушност ти зема, кога те носи жеден преку вода, кога те скубе, а ти мислиш дека те китат со нови перја, кога мислиш дека одиш кон Европа, а возот те носи кон Азија. Но и тоа клацкаво возење за некого може да биде бенефиција, да има корист од него.