Сираци на политиката

Во глобализираниот свет, националните малцинства претставуваат спој на културите, интересите и менталитетите на нивните стари и нови татковини. Феноменот на малцинствата е продолжение на феноменот на нацијата. Очекувано е националните малцинства да ги зачувуваат, или се очекува да зачуваат силна врска со нивната татковина и нејзиниот национален идентитет. Нивната асимилација е можна до одреден степен во земјата домаќин, но оваа асимилација никогаш не е доволно силна или ексклузивна за да се отстранат културните црти и етничката идентификација на малцинствата со оригиналната татковина.
Што се случува кога нивната матична држава ќе се откаже од нив? Вообичаено тогаш државата се откажува од своето природно право да зборува во име на заштитата на свето национално малцинство надвор од границите, негирајќи ја моралната основа на правото на заедничката територијална поврзаност, културното и биолошко потекло на своето население надвор. Дали националното малцинство ќе исчезне? Секако не. Тоа би значело да се откаже од своето право на самоопределување. Од чувството за припадност кон одредена нација и нејзините културни и јазични посебности. Оддамна националното слепило ги претвори Македонците во Грција и Бугарија во „невидливо малцинство“, бришејќи го нивното национално и културно наследство преку засилување на нивната присилна асимилација. Не гледам дека успева во тоа. За жал, сега стануваат невидливи и за матичната држава. Сираци оставени на милост и немилост, зашто нивната матична држава не сакала да се меша во внатрешните работи на соседните држави. Во името на добрососедството принесуваме уште една жртва на олтарот на нашата патолошка потреба да им се додвориме на соседите да ни ги подотворат портите на Европа, кои и понатаму остануваат затворени, без оглед колку и да се понижиме.

Само да го потсетам министерот за надворешни работи на „нивната држава“ дека демократските држави во Европа ја подобрија сопствената политика кон етничките малцинства, спротивставувајќи се на искушенијата за асимилација и репресија во корист на плурализмот и групната автономија. Освен изгледа во регионот на Балканот, особено кон македонското малцинство во соседните држави. Чудно како еден министер за надворешни работи прашањето на човековите права и слободи и правата на лицата што припаѓаат на малцинските групи ги затвора во внатрешните рамки на суверените држави. Од кога прашањето на човековите и малцинските права значи мешање во внатрешните работи на државите и повреда на нивниот суверенитет? Или несвесно се обидува да го врати стариот напуштен концепт на државната сувереност како брана пред вистината за кршењето на човековите права. Да зборуваше со јазикот на меѓународното право, министерот ќе знаеше дека Генералното собрание на ООН на Светскиот самит во 2005 година го промовира принципот дека „државите имаат одговорност да ги заштитат сите луѓе што живеат на нивна територија, без разлика дали се припадници на мнозинството или малцинствата, домородното население, граѓаните или не државјани, помирувајќи ги навидум нерешливите тензии меѓу државниот суверенитет и потребата за робусна акција за запирање геноцид, воени злосторства, етничко чистење и злосторства против човештвото. Овој принцип лежи во срцето на посветеноста на одговорноста за заштита на малцинските групи. Ако државата не сака или не е способна да ја исполни одговорноста за заштитата на правата на припадниците на малцинствата на нејзината територија, таа обврска поминува на меѓународната заедница, која треба да преземе соодветни активности за заштита на загрозените малцинства. Вие можете да се откажете од македонското малцинство во Бугарија, како што го направивте тоа во Грција, но не може да се откажете од меѓународната заштита на нивните права сѐ додека се декларираат како Македонци. За жал.

Ниту Бугарија ниту Грција може да избегаат од своите обврски како држави да ги поддржуваат малцинските групи во изразувањето и зачувувањето на нивниот идентитет, истовремено промовирајќи интеграција и еднаквост пред законот за зајакнување на социјалната кохезија и спречување на дискриминацијата.
Меѓународните норми ги афирмираат правата на лицата што припаѓаат на малцинските групи да воспостават мирни контакти преку границите со оние со заеднички идентитет или наследство. Никој во меѓународното право не го спори легитимниот интерес на државите за своето малцинство надвор од границите на државата. Главната алатка со која располагаат државите во поглед на заштитата на своето малцинство е меѓународната договорна правна рамка. Како на пример Рамковната конвенција за малцинствата на Советот на Европа, без чија ратификација не може да станете членка на оваа организација. Да не ги набројувам сите меѓународни конвенции што го регулираат ова прашање. Сигурно има некој што ќе го подучи нашиот министер на ова. Затоа, министре, не сакалдисувајте се и не двоумете се за да им удоволите на Бугарите околу нашиот интерес за македонското малцинство во оваа држава.

И со нас и без нас, прашањето на заштитата на човековите права и правата на припадниците на малцинствата одамна е меѓународен интерес. Барем не мора повеќе да ги инструирате дипломатите како што правеа во минатото да не „брануваат“ околу ова прашање во меѓународните форуми. Продолжете со тивката дипломатија, како што отсекогаш била нашата кога се отворало прашањето за македонското малцинство во соседните држави. Барем сега можете да се надевате дека нашиот молк и сервилност ќе ја смилостиват Бугарија да ни ја отвори вратата на Европа. А дотогаш ние самите ќе се обезличиме, негирајќи го нашиот етнички карактер, откажувајќи се од македонското малцинство во Бугарија.