Институт за македонска литература
Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја организира меѓународната научна конференција на темата „Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура“, која ќе биде отворена во „Куршумли-ан“, утре, во 11.30 часот. Конференцијата се одржува по повод двата јубилеја – 40 години од основањето на институцијата и 100 години од раѓањето на Блаже Конески. На отворањето ќе се обратат: претседателот Стево Пендаровски, Мила Царовска, министерка за образование и наука, Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература и Хенрик Маркуш, амбасадор на Словачка.
Ќе биде промовирана монографијата „Етичките и аксиолошките аспекти во литературата и културата на 20 и 21 век“ за која ќе зборува Ана Мартиноска.
На сесиите, насловени „Книжевната архива на Блаже Конески“, ќе се зборува за прилозите за Св. Климент Охридски на Конески, за принципот на одбрана на поезијата во есеите на Конески, неговите релации со словенечката академска и културна сфера, народната традициjа во неговите стихови, за препевите на руски, за идејата за добрината во неговата поезија, неговото книжевно дело на албански јазик…
На втората сесија „Дигитална архива“, ќе има излагања за систематизацијата на книжевната меморија: книжевни архиви, музеи, дигитални колекции, за дигиталната рецепција, нематеријалното културно наследство и дигиталната
фолклористика, дигитализација на книжевната граѓа (претставување на веб-страниците на ИМЛ), соработката помеѓу книжевните дела/книгата и новите
/дигиталните медиуми (блог-записи пренесени во книга)…
Во организацискиот одбор на конференцијата се: Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка (претседателка), Наташа Аврамовска, Илија Велев, Лорета
Георгиевска-Јаковлева, Ана Мартиноска, Валентина Миронска-Христовска, Јасмина Мојсиева-Гушева, Соња Стојменска Елзесер (членови). Конференцијата е поддржана од Министерството за образование и наука, турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје и Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.