Поранешниот министер за финансии на Велика Британија, Саџид Џавид, ќе го замени Мет Хенкок на чело на Министерството за здравство, беше објавено од кабинетот на премиерот Борис Џонсон.
Џавид се повлече од функцијата министер за финансии минатата година, откако одби да го смени својот тим на советници на барање на Борис Џонсон.
Лондонскиот дневен весник „Гардијан“ во февруари минатата година објави дека премиерот Џонсон, со цел да ја преземе контролата врз државната каса, побарал од неговиот тогашен министер за финансии, да ги смени сите свои советници.
Џавид одбил да го стори тоа, велејќи дека ниеден министер кој држи до себе не може да прифати такво барање и тој си даде оставка, а на негово место беше назначен неговиот заменик Риши Сунак, лојален на премиерот Џонсон.
Сега, Џавид се враќа на нова функција, која Мет Хенкок ја напушта по информациите за аферата со неговата помошничка додека на сила беа мерки за физичко растојание.