Јазикот што го кодификуваше Блаже Конески ни овозможува сега да се разбереме, да ги истакнеме нашите чувства и да упатиме јасни пораки кон сите во светот. Современиот македонски јазик ни овозможи да кажеме дека сме подготвени да живееме во Европа, но, и тоа дека нашата татковина ќе биде уште една ѕвезда на европското знаме, со овие зборови претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска ја отвори централната манифестација за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески што се одржа денеска во паркот „Јане Сандански“ во Општина Аеродром, под наслов „Ние за Блаже Конески“ во организација на Општина Аеродром и на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“.
Покрај домаќините на настанот, претседателката на Советот, Цветковска и секретарот на Фондацијата „Небрегово“, Атанас Конески, на чествувањето за кодификаторот на современиот македонски јазик, Блаже Конески, присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, како и директорите и ученици од основните училишта што го носат името на големиот деец, Блаже Конески, од општините Аеродром, Прилеп, Велес и Маврово и Ростуше. Тие со читање на свои литературни творби го збогатија чествувањето за великанот и доајен на македонската литература.
Секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, Атанас Конески, истакна дека мислата на Конески дека „јазикот е единствена наша конкретна татковина“ е аманет за сите генерации.
„Македонскиот јазик е аксиома, непобитна вистина и не смее да се доведува во прашање неговиот опстој и неговата иднина“, рече тој.