ГЕВГЕЛИЈА

Повеќе од една недела трае акцијата на пожарникарите, со помош на механизацијата на јавното претпријатие „Комуналец“, за гаснење и санирање на чадот на старата депонија кај Сува Река. Меѓутоа, поради силниот ветер, целосното санирање на запалениот комунален отпад, односно на чадот беше оневозможено.
Од Општината информираат дека изминатиов викенд, по гаснењето на огнот со повеќе противпожарни цистерни, со багери се третирал потпалениот отпад, така што и чадењето од депонијата било смирено.
– Во текот на целата недела, постојано интервениравме со цистерни со вода, како од возилата на противпожарната единица од Гевгелија, така и од претпријатието „Комуналец“. Огнот беше изгаснат, но ветерот го оневозможуваше целосното гаснење на запалениот дел од депонијата. Поради тлеењето, ветерот повторно го разнесуваше чадот. Затоа во акцијата беше вклучена и механизацијата на јавното претпријатие „Комуналец“, која по гасењето го третираше комуналниот отпад.

Изминатиов викенд, состојбата на депонијата е под контрола и имаме само повремено чадење – вели командирот на противпожарната единица Игор Ризов.
Заедничката акција продолжува, така што багерите и една цистерна остануваат на депонијата и, во случај на повторно активирање на жариштето, ќе се интервенира.
– Причината за потпалувањето на дел од комуналниот отпад на депонијата не е утврдена. Но факт е дека силниот ветер последниве денови што ја зафати Гевгелија значително придонесе за разгорување и, што е уште полошо, непрекинато чадење на депонијата – додаваат општинарите.
Инаку, во секторот за урбанизам на Општина Гевгелија и јавното претпријатие „Комуналец“ забрзано се одвиваат подготовките за воведување на бугарската фирма „Девелопмент холдинг“ од Софија, Бугарија, која на меѓународниот тендер имаше најповолна понуда за затворање на старата депонија кај Сува Река.