Политичарите и државните функционери од сите бои и партии не штедат во префрлањето на вината и во оцрнувањето на кој било друг, за да ја одржат перцепцијата на „невини некорумпирани политичари“
„Заговор против воздухот“, најновата истражувачка сторија на ИРЛ, открива дека нафтен дериват од Чешка, дозволен за употреба во ограничени услови надвор од живеалишта, на пример во бродови или во индустрија надвор од градовите, се увезувал во Македонија од страна на фирма од Кичево пријавен како обичен мазут и како таков се продавал во земјата, при што меѓу корисниците се „Фени/Еуроникел“ од Кавадарци, БРАКО од Велес и повеќе државни болници. Во јавноста силно одекна овој скандал, но некако развојот на скандалот се фокусираше на злите алчни олигарси олицетворени во „Фени/Еуроникел“ и БРАКО, а настрана останаа невините некорумпирани политичари! Не сум му адвокат никому и не тврдам дека „Фени/Еуроникел“, БРАКО, државните болници се невини, но за „Фени/Еуроникел“ и БРАКО, кои се тешка индустрија надвор од урбана средина, треба доказ дека не смееле да го употребуваат дериватот, за сите заедно доказ дека знаеле и намерно купувале, или дури дека самите се иницијатори и организатори. Ова последното би било организиран криминал бидејќи е невозможно да се организира без вклученост на државни институции. Да се вратам на улогата на невините некорумпирани политичари! Доколку ИРЛ го дознал сево ова, целосно сум сигурен дека истите информации ги имал директорот на Царината, најмалку една акредитирана лабораторија, министерот за економија, министерот за внатрешни работи и премиерот. Едноставно не е возможно ваква работа да се одвива без вклученост со чинење или не чинење на десетина државни функционери.
Зошто сите се нафрлаат на злите алчни олигарси, а многу малку посочувања на невините некорумпирани политичари? И ова не е исклучок, туку правило во речиси секој скандал или проблем! Неколку примери од последните неколку години!
Се поништија дозволи за рудници! Виновни сопствениците, никој не посочи кој изработил позитивен еколошки елаборат, кој функционер одобрил и издал лиценца? Доколку рудниците се штетни, зошто нема истрага и одговорност за државните функционери што ги одобриле?
Се води кампања против малите хидроцентрала! Виновни сопствениците, никој не посочи како Министерството за животна средина воопшто распишало конкурс за истите тие, повторно кој изработил позитивен еколошки елаборат, кој надзорен орган или институција не врши контрола на почитувањето на правилата и стандардите.
Се води кампања против угостителството! Било главно во сива економија, затајување данок и работа на црно. И да, не плаќале за работа во недела! Ај да го тргнам лицемерството настрана за масовната работа на црно во државните институции (договори на дело) и за неплаќање прекувремена работа и работа во недела и на празник (илјадници тужби на полицајци против МВР), туку како е можна сивата економија ако некој инспектор не ја заврти главата на страна? Никако.
Еден пример од пандемијата на коронавирусот. Пак се води постојана кампања против угостителството, каде што има 6.000 оператори од бифиња до хотели, дека ги кршат протоколите за ковид-19. Бомбастични наслови, се прават забави, се кршат протоколи, има диџеи, се крши полициски час. И постојано истите неколку клуба од Скопје, Штип, Струмица… Цело време се затворани, кривични пријави и што уште не. А сите гледаме дека за неколку дена, ако не и утредента истите клубови работат без никаков проблем. Како е можно дури и кривични пријави да има и сѐ да си продолжи како ништо да не било? Многу едноставно, во чаршијата за секој од тие клубови се знае кој им е политичкиот патрон.
Зар некој мисли дека без политичка заштита некој угостителски објект може да отвори кога е затворен, или да не го тангира ниту една казна? Зошто никој не прашува кои се тие инспектори што не ги спроведуваат казните или, пак, обвинители што не ги процесираат кривичните пријави или, пак,…?
Можни се уште примери од градежништво или, пак, кој било сектор. Политичарите и државните функционери од сите бои и партии не штедат во префрлањето на вината и во оцрнувањето на кој било друг, за да ја одржат перцепцијата на „невини некорумпирани политичари“. За тоа користи и зли алчни олигарси, за да не гледаме како волците во нашата политика се преоблекуваат во јагнешки кожи! А кога и да има кршење на законот во приватниот сектор, да, треба да има одговорност на истиот тој, но многу повеќе да има одговорност на државните функционери бидејќи тие мора да ги бранат законот и јавниот интерес! Сегде во светот кога има зли алчни олигарси има и некој корумпиран политичар, само кај не! А за тоа што јавноста ја голта замката на „злите алчни олигарси“ и таа дискредитација и стигма се пренесуваат на целиот приватен сектор и за штетите од таквата стигматизација на приватниот сектор во некоја друга пригода.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #ВраќањеВоМинатото