(Отворено писмо до комесарот за проширување на Европа, Оливер Верхеи)
Почитуван ЕУ-господине Верхеи, насловот на моето отворено писмо до вас не е ни најмалку фантазерски и наивен. Напротив, сурово е реален и е дијагноза на нешто страшно што се случува со европската политбирократија на Брисел, чиј член сте и вие. На Европа, сега како ЕУ, која уште пред Шуман и Аденауер ја замислија утопистите и хуманисти какви што се Иго и Бакунин како отворен дом на сите нејзини народи со исти права, без експлоататорски супрематизам и уцени од страна на нејзините моќни нации врз помалите и послабите народи во неа. Но вие во Брисел го потрупавте со кал тој идеал. Целиот Западен Балкан, а особено Македонија и Македонците во него се крунски пример за тоа.
Со еден збор, вие треба добро да го знаете тоа, македонскиот пример во мачното до перверзија и садизам ЕУ-проширување го урива до темел кредибилитетот на бриселска Европа: морален, правен, политички и хуманистички. Оти пред сè тоа стои пред префиксот анти. Ние сме мал народ, но не сме глупав како што мислат политичките хипокрити на Брисел. Убаво ја знаеме хронологијата на поновата европска страст на нејзините моќни нации (Англија, Франција, Германија) за целосно ништење, и физичко и идентитетско, на Македонците, почнувајќи од Берлин 1878, потоа екстремно трагичниот по нас Букурешт 1913, а по него и Версај 1919, на кој Италија излезе со предлог за автономна Македонија, ама отсекогаш политички антимакедонски настроените Англија и Франција не го дозволија тоа.
Мислам дека сето тоа ви е многу познато вам, а и на другите бриселски политбирократи, господине Верхеи, ама по сè изгледа со Македонија и Македонците треба да се оди докрај, да се избрише целосно нивниот идентитет, со што и Вавилонската Ороспија (ако не знаете тоа е метафора, македонска и балканска, за Европа) на некој начин би си ја избришала валканата фашистичка совест кон неа. Оти, да ве потсетам. Модерна Европа по завршувањето на Втората светска војна, имено, не чекајќи долго, го обнови фашизмот врз грбот на Македонците. Тоа се случи со бомбардерите на еврототемот Черчил, полни со смрт во 1948-та во Егејска Македонија, чистејќи ги Македонците од родните огништа, гробишта, ниви и полиња, за да бидат неговите и европските миленици, Грците, комотни и да им се зголеми нивниот бериќет озаконет со крвав фашистички печат. А тоа на поинаков, божем софистициран начин, се случи и во Преспа 2018, кога ЕУ здружена со САД, користејќи ја квислиншката влада на Заев нè ликвидира идентитетски, бришејќи ни го насилнички Името. А тоа, ако не знаете господине Верхеи, се вика етноцид, или идентитетски геноцид. Како што милувате речете го. И за да биде совршено тоа ЕУ-злосторство, сега вие од Брисел, демократски волци облечени во јагнешка кожа, не ја отворате европската интеграциска врата за Македонците, која веќе за нив ја престоривте во врата на пеколот со разните садистички уцени и закани.
Врата на пеколот, слична како онаа во „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, на која за оние што стојат пред неа пишува: „Оставете секаква надеж“. Сега вие, волци во јагнешка политичка кожа од Брисел, своето совршено злосторство кон Македонците (и само кон нив во Македонија, без северна овој пат) сакате да го заокружите по Грците и со Бугарите, терајќи нè (колку е перфидно од ваша страна тоа) да се договориме со нив. А добро ги знаете нивните условувачки барања за тоа што се апсолутно фашистички. Тие, ако не ви е јасно, господине Верхеи, се исти со оние од Првата и Втората светска војна (да ги оставиме настрана балканските), кога тие се бореа на страната на фашизмот, покрај другото, и за да ја приграбат Македонија, македонската земја и нејзината пребогата културно-цивилизациска меморија, по која толку многу пекаат, приграбувајќи ги и светите Солунски Браќа Кирил и Методиј најварварски со државен декрет за Бугари, а нивниот јазик, кој е јазик на македонските Словени од Солун за бугарски. Солун во кој никогаш бугарска нога не стапнала. За тој нивен дрзок варварски потег, ако добро се сеќавате вие и вашите аморфни колеги од бриселското политбиро, остро реагираа амбасадорите во ЕУ на Чешка и Словачка. А Брисел не реагира. Тој сега за да ни ја отвори перверзната порта за влез кај Вавилонската Ороспија едноставно застанува зад Бугарија, која во македонско-бугарскиот спор и сега го покажува своето фашистичко лице. Немој да се правите наудрени. Оти со тоа се открива и фашизираното лице на бриселска ЕУ кон Македонија и Македонците. Така е на дело јанѕата на големиот германски писател, космополит и хуманист Томас Ман, неговата пророчка изјава веднаш по завршувањето на Втората светска војна, кога рече Хитлер е победен, но не и фашизмот.
Да, господине Верхеи. Вие добро знаете дека Македонците се бореа против фашизмот во неа, а Бугарите беа на негова страна, покажувајќи го својот фашистички лик кон Македонците и сега, блокирајќи ја со фашистички уцени Македонија на патот кон евроинтеграциите. Да. Ама најболно е што тоа го прави пред сè ЕУ, Вавилонската Ороспија, господине Верхеи, таа истата што со фашистичката Лисабонска декларација (1992) ни постави услов за влез во цивилизацијата на Големиот Инквизитор (да се потсетиме на Достоевски) само обезимени, без генеричко Име (Македонија/Македонец), со што самите би си го изгаснале вечниот оган на идентитетот и би го однеле на закоп како пепел само и само за да го задоволиме европскиот нагон за смрт на Македонците. Европската темна садистичка страст што се рефлектира и на почетокот од овој милениум кон нив. Најдобар показател за тоа е и поддршката на бриселска ЕУ (во согласје со Вашингтон, секогаш без тестостерон и импотентна како него) на албанските терористи во 2001-та кон Македонците и македонската национална држава штотуку создадена и кревка, иако, најпрвин тие беа маркирани со вистинското име, за што е крунски сведок изјавата на челникот на НАТО, Робертсон. Тој нив ги дефинира за терористи, а следниот ден се покаја за тоа (наредбата дошла од повисока инстанца) и нив, завртувајќи го за 360 степени умот), ги прогласи за борци за човекови права. Оние што во париски „Батаклан“ направија вистински масакр. Ама тие се терористи, а оние во Македонија борци за човекови права, маченици на модерната „хуманистичка“ ЕУ-цивилизација. Тоа. И што е уште саркастично, по налог на ЕУ (а всушност на Вашингтон, кон кого таа го врти задникот), нив и ни ги доведе во Владата и парламентот за да го продолжат својот тероризам, сега на политички план, иако и оној физичкиот не е оставен настрана: Смилковско Езеро, Диво Насеље… Постојат и други примери.
Тоа, почитуван Верхеи. Издржете, иако моето писмо до вас ќе ви се стори малку предолго. Но, и прекратко е во однос на сè што имаме ние Македонците, здравото ткиво без платените од нашите и американските фондации шарени и секакви други изроди, да ви го кажеме вам на комотните политбирократи во Брисел. Да. А нам, по она што се случи во Преспа 2018, и сега со ЕУ-притисокот да бидеме идентитетски доспепелени од Бугарите, не ни останува ништо освен да ви кажеме: благодариме за таквата кон нас фашистичка Европа. Можеме во пакет како подарок да ви ја дадеме само квислиншката влада на Заев, која ја користите како чекан за разбивање на нашето идентитетско теме. Ништо повеќе. Рамковните исто така се ваши. Тоа и така, господине Верхеи, оти нам, па би рекол и Русите (ај да ги оставиме сега за сега мирољубивите Кинези што одат по патот Тао на Лао Це и Конфуциј), нè јаде јанѕа дека на Запад, во таканаречената либералкапиталистичка цивилизација на „хуманизмот“ и „демократијата“ со која Фукујама го предвиде крајот на историјата (по нарачка, секако) се обновува новата оска на злото. И тоа, парадоксално, од државите-борци против неа во Втората светска војна. За жал! Чудно но вистинито. Македонскиот пример со Брисел и Вашингтон, имено, како на дланка јасно го потврдува тоа, господине Верхеи. И по сè изнесено напред, ЕУ-господине, сметам дека ви е јасен сега бихевиоризмот на Павлов кај Македонците, неговиот дразбен рефлекс што при спомнувањето на вашата бриселска Европа неодложно нив ги тера на повраќање. А веруваме и Србите по бомбардирањето на НАТО, чиј дел беше и ЕУ, 1999, по кое беше создадена на нивна автентична историска територија дивоградбата Косово. Кај нас во Македонија, пак, по друга основа и перфиден, божем софистициран метод, учествувате во проектот Илирида, што го терате заедно со квислиншката влада на Заев избрана од Брисел и Вашингтон за целосно идентитетско, а веројатно, како што стојат работите, и физичко разнебитување на Македонија и Македонците. Иако лично мислам, макар и на долг рок, дека планот ќе ви се изјалови.
Така, почитуван Верхеи, жител на Унгарија, која Македонците безрезервно ја сакаат. Простете што моето отворено писмо до вас беше можеби малку предолго, но реков и прекратко, ако имаме предвид што сè може да се каже на оваа трагична тема. Дури, од цивилизациски аспект, и потрагична за бриселска ЕУ, која е во целосна морална и етичка атрофија. Оттука имаше право и Шпенглер, автор на генијалното филозофско дело со пророчки футуристички наслов „Пропаста на Западот“, дека поимите цивилизација и култура не мора по дефиниција да се совпаѓаат. Оти за разлика од културата, која е неотпорна на варварство, цивилизацијата, напротив, честопати е во сојуз и амалгамизирана врска со него, како што е тоа од историска гледна точка често случај со Европа на нејзините моќни и денес колонијалистички држави, бескрајно лакоми за материјален профит и експлоатација на послабите и сиромашните. Тоа е посебна тема. А модерното варварство на таа и таквата Европа во неа сега најмногу го почувствуваа и го чувствуваат Македонците. И ве уверувам, господине Верхеи, дека тие се доволно и на перверзен садистички начин измалтретирани од неа и не сакаат да бидат во неа докрај и најидиотски понижени. Особено со идентитетскиот геноцид над нив во Преспа 2018, а сега и со перверзната бриселска рамнодушност и премолчена поддршка на фашистичкиот проект на Бугарите за целосно идентитетско ликвидирање на Македонците.
Македонците, господине Верхеи, сартровски речено, го чувствуваат животот како мачнотија кога и само ќе го чујат зборот Европа. Бриселска. Оти тоа веќе одамна не е Европа на француската комуна и француското просветителство со слоганот: братство, единство, еднаквост. Ни трага од тоа. Таа денес не е, како што би рекол нашиот Гоце Делчев, по кого се граба бугарската европска хиена, „поле за културен натпревар меѓу народите“, туку поле на корпоративни капиталисти и профитери и на ситни и без никаква хуманистичка визија и духовни хоризонти политбирократи. ЕУ е апсолутно морално распадната, а и нејзиното физичко распаѓање е во тек и бргу ќе се случи. Брегзит него само силно го начна. Спектаклот следува. Тоа, господине Верхеи. Можеби бев и премногу директен и дијагностичен, но не можам да понудам лек за сегашната болест на ЕУ. Таа е повеќе од обичен психијатриски феномен. На крајот останува, по сè што кажав, уште вас и неа да ве поздравам со два малку „застарени“, но во оваа историска ситуација повторно актуелни слогани: „Пролетери од сите земји обединете се“ и „Смрт на фашизмот, слобода на народот!“