КОЊИЧКИ СПОРТ – МАЈСКИ ТУРНИР И ЛИГА-ПРВЕНСТВО
Леонида Гроздановска со грлото Парадизо-Силвано од клубот Анималс и Зоран Јовановиќ со грлата Флика и Страординариа од клубот Бравадос, триумфираа на Мајскиот коњички турнир и првото коло од отвореното Лига- првенство во прескокнување пречки за 2021 година, што, според календарот на Федерацијата на коњички спортови на Македонија, а во организација на КК Бравадос, се одржа изминатава недела на терените во Волково. На програмата беа два натпревара во прескокнување пречки, со височина од 0,90 м до 1,20 м.
Во првиот натпревар, со височина од 0,90 м, т.н. скокни повеќе во време од 80 секунди, каде што за секоја чисто прескокната пречка се добиваа по два поена, а за секоја прескокната пречка, но со нејзино рушење, по 1 поен, зад победничката Гроздановска се пласира Сиља Дуковска со грлото Војвотка од клубот Анималс, додека трет беше Бобан Томевски со грлото Најтингел од клубот Процес.
Во вториот натпревар, т.н. растечки тешкотии, со височина на пречките од 0,90 до 1,20 м, со алтернативна пречка Џокер, зад Јовановиќ, кој ги освои првите две места, се пласира Леонида Гроздановска со грлото Парадизо-Силвано од клубот Анималс.
Оваа година Лига-првенството се одржува во четири кола, додека Државното првенство во шест кола.