Власта е решена да ги облече во железни опинци и медиумите, драги мои. Планираат да почнат големи реформи во организацијата, структурата, функционирањето и финансирањето на македонските медиуми, со посебен фокус на телевизиите, како најмоќен од сите медиуми. Но моќта е опасна работа. Дај му на прост човек власт и моќ и ќе му го видиш умот. Така си е тоа. Го гледаме секој ден на телевизија. Затоа решив да посветам простор и време, не на опинците и опинчарите, тие и онака ништо не разбираат, туку вам, на гледачите, да се обидам да ви објаснам што е тоа телевизија, какви се нејзината функција и содржина. Секако, најголем дел ќе му посветам на телевизиското производство, тоа што најдобро го знам, впрочем. Но да одиме од почеток. „Телевизијата е огледало на стварноста.“ Знам дека на многумина пристојни луѓе оваа реченица им звучи неубедливо, тривијално, па дури и навредливо, ако сакате. И ќе се согласам, од проста причина дека што и да се каже за македонската медиумска состојба, обратнопропорционално од тоа што тие во својата суштина навистина се – производители на лаги, во овој случај ќе биде вистина.
Но онаа прва реченица од денешнава колумна има своја реална тежина и најчесто е така како што е. Зошто, ќе видиме подолу. Драги мои, има една друга идеја за медиумите, особено за телевизиите, а тоа е дека за да разбереш во каква земја си дошол, ако ти е за првпат, оди во својата хотелска соба, пушти ги централните вести на една од националните телевизии, како таа што јас ја управувам на пример, и сѐ ќе ти стане јасно за тоа каде си, што правиш таму и дали тоа што си го планирал за следниот ден во таа држава и тој град да го одложиш, да си се качиш на првиот авион и да си заминеш таму откај што си дошол?! Овој тест, овој општествен „ПСР“ е немилосрден и секогаш ги покажува резултатите такви какви што се – точни. Што може да се види на нашите телевизии, вкупно пет национални, во најгледаниот телевизиски појас, помеѓу 19 и 23 часот, таканаречен „prime time“? Малку вести, уредени според стандардите на Би-би-си од крајот на деведесеттите години на минатиот век, кога со пари и опрема Сорос ги корумпираше, индоктринираше, делегираше, избираше и создаваше телевизиите, новинарите, уредниците и воопшто го формализираше и стандардизираше оној суштествен телевизиски департмент – производство на вести и програмското уредување. И странски, главно балкански, сапунски меури на ниските страсти. Нема како да побегнеме од фактот дека и тој дел од македонската демократска преобразба е крајно неуспешен и пропаднат проект со последици вообичаени за секој што тргнал да произведува чудовиште во лабораторија, со цел да го контролира и да му служи нему, како на творец. И така, еден ден, чудовиштето излезе од лабораторијата и прво што направи е – го изеде творецот.
А македонските телевизии се дел од бројлерското производство на корисни идиоти што демиургот на таа фабрика за аутистични интелектуалци, заробени умови и полуфабрикати на знаењето, атеистичкиот владика на црквата на Џорџ Сорос во Македонија, другарот Милчин ја управуваше дваесет години. Мене во суштина не ми е гајле за жалната судбина на црвениот барон на македонската демократија, кој, според сопствена изјава, ако неговите го сменат името на Македонија, ќе се одметне во планина и со пушка во рака ќе се бори против нив, гајле ми е мене за мојата земја, која секојдневно, човек по човек, педа по педа, чекор по чекор, ден за ден е храна за чудовиштето на Сорос, кое не гледам како и на кој начин ќе се застане, залови, окова и однесе во заточеништвото на историјата, во темната пештера на злоделата на црвената буржоазија и нивните деца. Театрите, кинематографијата, весниците, телевизиите и медиумите во целост, со ретки исклучоци, денес се контролирани и управувани од најлошите, фирата, отпадот на полуинтелектуалниот фамилијарен и партиски џган на дивите слуги на болшевизмот, кои во четириесет и деветтата ги напикаа по затвори и ги уништија творците на македонската државност, интелектуалниот, образовниот и општествениот крем на Македонија, и со целото свое необразование, незнаење и сервилност го создаваа најопасното чудовиште на социјализмот – полуобразованите интелектуалци. Тоа се фактите, драги мои. Оние бројлери на Сорос и нивните калфи и чираци произведени по разни семинари, работилници и фабрики, беа и сѐ уште се управувачката и уредничката прва линија во македонските медиуми, да не се лажеме. И затоа така изгледаат сите, ама без исклучок, сите информативни департменти што тие сѐ уште ги нарекуваат редакции. Точно поради тоа што се поставени да редактираат, да уредуваат, а не да произведуваат вести. Во Македонија, во 2021 година сѐ уште се чека вестите да се случат. О, ровји! Во оваа сфера, во оваа индустрија, во овој бизнис ако сакате, никаде, никому, за ништо на овој свет денес не му доаѓа на ум да чека некоја вест „да се случи“, па тој да ја „уредува“, од проста причина што вестите не се случуваат туку се произведуваат. Така е тоа во светот. Особено во светот на современото телевизиско производство. Нели така се нарекуваат тие телевизиски департменти денес? News Production. Производство на вести. Во Македонија вестите сѐ уште се доживуваат како декламација, обелоденување, прикажување, декларација на вистината, безмалку. И таа лажна и денес никаде непостојна идеја за тоа што е телевизиска вест, на македонската јавност ѝ се сервира како некаков постулат.
И повторно, поради тоа што се, заглавени во полуобразование, полузнаење, невешти и со идеи што биле стандарди на крајот од осумдесеттите години и почетокот на деведесеттите години од минатиот век, тие, Соросовите уредници сѐ уште на гледачите (за тоа дека денес повеќе не постојат гледачи туку консументи ќе пишувам во наредните колумни) им го сервираат своето манипулативно дури и за нив самите убедување дека тие и телевизиите во кои работат, во нивните вести ја кажуваат вистината. И, откако следниот ден таа вистина ќе се покаже точно тоа што е – лага, измислица, производство, почнува процесот на губење на идентификацијата, препознавањето, на довербата во она што на почетокот го дефиниравме како тривијалност – а тоа е огледалото на реалноста во кое себеси се гледаме како магариња што дозволуваат некој да ги „уредува“. И го кршиме огледалото. Или, во најмала рака, не му веруваме дека тоа огледало, на тој медиум, на таа телевизија, дека тој нас нѐ рефлектира точно такви какви што навистина сме. И повеќе не гледаме македонски телевизии. Така стигнавме до стварноста, драги мои. Ова огледало е немилосрдно. Во Македонија, македонските национални телевизии Сител, Канал 5, Телма, Алсат М и Алфа ги гледаат помалку од половината гледачи, консументи на телевизиско производство. Да, да, околу 55 проценти од вкупната гледаност во Македонија е на телевизии, канали, сервери, платформи, мрежи, групации, на медиуми воопшто што не произведуваат и дистрибуираат медиумски производи, вести, програми, формати или какви било други целосни или фрагментарни содржини што се произведени или се однесуваат на Македонија или на некоја личност, настан или информација поврзани со Македонија, дури и во онаа метафорична или најпејоративна смисла, ако сакате. Е, ајде сега да зборуваме за огледалото. Ајде сега да зборуваме за вистината. Ајде сега да зборуваме за медиумите со кои повеќе од половина Македонци немаат ниту општа, формална идентификација. Драги мои, јас да сум што и да е во оваа држава, за што и да е одговорен човек, кој евентуално со големи напори и многу настојувања би можел нешто да промени во огледалото, перцепцијата за тоа какви навистина сме, би се уплашил и би кренал раце од ова чудовиште, од кое нацијата не само што се плаши и не му верува туку и не го препознава како можност за себесогледување такви какви што сме. За жал, драги мои, единствен начин да се промениш себеси, макар и само надворешно, само во лицето, во шминката, фризурата, во облеката, прво што треба да направиш е да собереш сила и да застанеш пред тоа огледало на вистината.
И да се видиш и прифатиш таков каков што си. Грд? Погрд? Најгрд? Убав? Поубав? Најубав? Но ако еден ден соберете храброст сепак да застанете пред тоа огледало и да се огледате во него, имајте на ум дека освен што убавината доаѓа однатре, има вистина и тоа дека руба краси и руба гнаси. Што мислите, о вие смрдливи, примитивни сељандурски муцки, кои само до вчера одевте со свински пред да ги облечете новите железни опинци, прво да се избањате и пресоблечете во чиста облека? Вакви нема да ве поднесе ниту кутрото Соросово огледало. И, само уште едно прашање, пред потоа да почнете со реформи, уредувања, зајакнувања, образование и квалификации на онаа и оние што останаа недоучени од Сорос, кој од вас, барем формално, има квалификации, компетенции, знаење и вештини за тоа што е телевизија и телевизиско администрирање, уредување, програмирање и производство?! Што е ова? Нова четириесет и деветта?! „Вие се научивте, сега други подучувате.“ Тоа е реплика од „Тетовирани души“ на Горан Стефановски. Му ја кажува Цибра на Војдан. Некаде таму по Америка. Цибра е простиот, а Војдан учениот. Се надевам дека онаа малихера што ја чува за планина каде што ќе се бори против вас, оној Соросовиот герилец, ако не за друго, ќе ја искористи барем да ви ја опне од главата, па белки ќе се свестите што правите. Најпосле, така барем малку ќе се оддолжи, за неволјата што волно или неволно, знајно или незнајно, создавајќи ги овие чудовишта, му ја уреди на овој народ и оваа земја. Драги мои, ова беше вовед во серијата колумни што ќе ѝ ги посветам на актуелната состојба на телевизиската (ако така може воопшто да се нарече) индустрија во Македонија, нејзините проблеми и, секако, ќе понудам решенија. Се разбира, онака како што јас ја разбирам современата телевизија, како производство на нова реалност, на нова стварност, на медиум – на средина помеѓу општеството и човекот, консумент на производи на телевизијата. И секако, нема да заборавам да ви кажам дека телевизијата во најголема мера е производител на визии, магии и илузии. Спомнав ли вистини? Не. Мене тој дел од телевизиската индустрија не ме интересира. Од проста причина што во телевизијата има само една вистина – мојата! Сѐ друго е неважно. До следната средба, гледајте македонски телевизии. За да се видите себеси. И вистината.
Авторот е режисер и универзитетски професор