По слушање на 106 од над илјада предложени „бомби“ завшри денешното рочиште за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кое се обвинети повеќе поранешни функционери за изборите во 2013 година. Судењето продолжува во понеделник.
На аудио снимките се слушаа разговори меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на Кабинетот на поранешниот премиер Мартин Протуѓер, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и други луѓе околу изборната кампања за изборите во 2013 година.
На снимките тие разговараат за гласачите од дијаспората и договараат превоз во Италија и Швајцарија, како и за потенцијалните кандидати на изборите кои би можеле и би имале најдобри шанси да бидат на листата во изборните единции.
Пред присутните во судницата беа презентирани и аудио снимки кои откриваат како се мобилизирале вработените во Царината, како и снимки меѓу поранешни фунционери во кои тие разговараат за проверка на информација за имот на жена му на поранешниот претседател Бранко Црвенковски на Корчула, околу исплатата на субвенциите, испраќање инспекции во фирми кои и свртеле грб на ВМРО-ДПМНЕ, како и за недостиг на рекламен материјал.
Одбраната повторно реагираше дека снимките немаат никаква доказна вредност, на што судијата Осман Шабани рече дека доказите се прифатени и ќе бидат изведени, а потоа судот ќе цени дали тие се однесуваат на кривичното дело или не.
За предметот „Титаник“, СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.
Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.