Со постројување на единицата, со доделување на чиновина унапредените, награди и
признанија, денеска во прилепската касарна „Мирче Ацев“ беше одбележан 18 август Денот на АРМ. При тоа командантот на Касарната Ивица Цветковски, пред присутните посочи дека АРМ е столбот на одбраната на земјата и го штити територијалниот интегритет и суверентитет на РМ, но извршува задачи за поддршка на другите институции.
– Да се биде припадник на АРМ е огромна чест и задоволство, но и обврска. Низ
годините АРМ со сета чест, достоинство и професионалност го продолжува вековниот сон на сите македонски херои кои се бореа за праведност, слобода и подобра иднина. Секој од нас независно од работната позиција придонесуваме за одбраната на државата. АРМ е тука кога е најтешко, во првите редови за заштита на граѓаните и одржувањето на безбедноста и мирот. Статегиската определба на АРМ и секој нејзин припадник е полноправно членство во структурите на евроатланските безбедносни организации, ЕУ и НАТО, нешто што целосно го заслужуваме – посочи потполковник Цветковски, на одбележувањето на денот на АРМ во прилепската касарна „Мирче Ацев“. Ка.М.
Со воена свеченост денес во касарната „Чеде Филипоски-Даме“ во Кичево, беше одбележан Денот на АРМ-18 август. На одбележувањето присуствуваа претставници на единиците на локалната самоуправа во зоната на одговорност на единицата, како и правни и физички лица со кои оваа единица има соработка.
Во рамките на одбележувањето на Денот на АРМ се реализира и тактичко-технички збор на кој присутните гости посебно лицата од помладата популација присутни на ова одбележување имаа можност да се запознаат со вооружувањето и опремата со кои се опремени припадниците од гарнизонот во Кичево.
Пред присутните во Кичевската касарна се обрати заменик Командантот на 4. механизиран пешадиски батаљон потполковник Горан Трајаноски, кој во својот говор се наврати на времето од НОВ ,реализираните активности и активностите кои претстојат во наредниот период.
– Почитувани, денес по 26-ти пат го одбележуваме Денот на армијата на Република Македонија, и со задоволство можеме да истакнеме дека како припадници на гарнизинот во Кичево како дел на АРМ, горди сме на нашите резултати. Притоа убедени сме дека во иднина ќе продолжиме по патот на трансформацијата која покрај другото ќе обезбеди повисок квалитет на обуката,на животот и на работата на единицата и исполнување на барањата на стандардите на НАТО кои се приоритет за нас припадниците на АРМ. Овој ден за нас припадниците на АРМ е од посебно значење, ден кој кај секој искрен и чесен граѓанин на ова макеоднско парче земја ги буди емоциите и ги тера да се наврати назад во времето на пркосот и непокорот, во времето на Илинден, во времето на формирањето на македонската државност. Со гордост се потсетуваме на тоа славно време, враќајќи се низ бурната историја на македонскиот макотрпен народ се навраќаме и на времето на НОВ – истакна заменик Командантот на 4. механизиран пешадиски батаљон, пополковник Горан Трајаноски и додаде, дека на овој ден 1943 година во месноста Славеј на планината Караорман, од партизанските одреди „Даме Груев“, „Ѓорче Петров“ и „Димитар Влахов“ формиран е батаљонот „Мирче Ацев“, прв батаљон во втората оперативна зона на Македонија и прва поголема воена единица од одред.
Со формирањето на батаљонот како прва регуларна единица започна процесот на создавање на народно-ослободителната војска, додаде заменик Командантот, Трајаноски.
По повод овој празник на поголем број старешини и цивилни лица им беа доделени унапредувања,награди и стимулативни мерки. З.А.