Во жарот на секојдневните реплики и полемики, македонските политичари често знаат да ги поминат границите на политичката култура. Според соговорниците, ваквиот феномен станал практика кај нас, со што се праќа многу лоша длабока порака до целокупната домашна и меѓународна јавност за односите и (не)функционирањето на парламентарниот систем во нашата земја. Соговорниците сметаат дека тоа е само „врвот на сантата“, што е очигледна манифестација на неефикасноста и нефункционалноста на системот, бидејќи активните учесници во политичкиот систем не можат да ги препознаат националните и стратегиските интереси на граѓаните и на државата, а инаетот, личната и политичката суета, како по некое непишано правило, надвладуваат
Во официјалната конверзација на пратениците сѐ почесто има недолични зборови и говор со навреди и нетолеранција
Во време кога Македонија се справува со последиците од пандемијата и кога државата се наоѓа во чувствителен политички процес, заглавена на патот кон ЕУ, на политичарите, а особено на парламентарците како јазикот да им е побрз од мислата и сѐ почесто се случува меѓусебно да си упатуваат недолични зборови, со што се спушта нивото на политичката култура. Со таквата парламентарна, институционална, официјална конверзација не се девалвираат само самите себеси, партијата од која доаѓаат или групата граѓани што ги претставуваат, туку длабоко ја девалвираат институцијата што ја претставуваат.
Имено, во последните неколку недели, следејќи ги пратеничките дебати во Собранието, јавноста беше сведок дека парламентарците обраќајќи им се на политичките противници меѓусебно си разменија повеќе навреди и ниски удари.
Во широката листа на примери може да се издвои изјавата на претседателот на Собранието, Талат Џафери, до опозицијата: „Ако сакам, и три часа ќе зборувам, три месеци ме тупите тука и цел ден ми тупите со медиумите, ме тупите“. Слична недолична изјава имаше и Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничка од СДСМ, до оние што ја критикуваа што пристигнала во парламентот да гласа облечена во скафандер. „Ботови партиски“, изјави Костадиновска Стојчевска.
Наум Стоилковски, пак, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ за Костадиновска Стојчевска, изјави, дека таа е „сељанка донесена со брза помош“. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, алудирајќи на претседателот Стево Пендаровски, изјави: „Бекна и потпиша сѐ што му нареди стопанот“.
Во домашната јавност се памети и изјавата на премиерот Зоран Заев за опозицијата. „Има дормео-опозиција, затоа што преспавте додека се решаваа сите крупни прашања во државата, немате став“, изјави Заев.
Овие и редица други слични примери се присутни во речникот на политичарите во нивните обраќања пред јавноста.
Политиколозите, политичките аналитичари и комуниколози со кои се консултиравме велат дека политичарите со ваквите изјави ја вулгаризираат политичката комуникација и истовремено на овој начин, со острите говори, се обидуваат да ловат симпатизери меѓу гласачите.
Тие велат дека три децении по воведувањето на политичкиот плурализам и практикувањето на демократијата, во Македонија политичката култура во изразувањето сѐ уште важи за мислена именка. Според експертите, она што во западните демократии е долгогодишна практика, во Македонија сѐ уште е табу-тема околу која се разговара, заговара, но никој, или многу ретко некој се осудува да ја применува. Со чест на исклучоци, политичарите низ сите овие години на независност како да заборавија дека нивниот избор на функциите подразбира чесно и доблесно однесување при јавните говори и практикувањето на демократијата и демократските вредности.
Политикологот Милан Стефаноски вели дека партиите употребуваат речник што содржи нетолеранција и оти тие се водени од мотивите за придобивање симпатизери кај граѓаните што ќе гласаат на избори.
Стефаноски нагласува дека не се ретки ни примерите кога политичарите во своите говори имаат и степен на говор на омраза, што, пак, е кривично дело, кое треба да го утврдуваат институциите и да го санкционираат.
– Македонската јавноста е навикната на телевизиските екрани, на интернет-порталите и во медиумите да го следи овој немил фолклор, во кој кај обраќањата на политичарите се насетува говор што, за жал, содржи и елементи на омраза врз политичка или друга основа – вели Стефаноски.
Тој објаснува дека сето тоа се должи на ниското ниво на политичка култура во Македонија, кое најмногу може да се почувствува за време на изборите во земјата, но овие случувања, за жал, не прекинуваат ни во секојдневниот политички дискурс во државата – вели политикологот.
Марко Трошановски од Институтот за демократија смета дека немањето политички дијалог со декади предизвикува вулгаризирање на дебатата. Тој додава дека кога нема консензус и усогласување за добрите политики, а кога се игнорираат аргументираните забелешки, она што останува е радикализацијата на јавниот дискурс.
– Одговорноста на политичките елити е огромна и треба да се свесни. Ова што се случува на ниво на изјави на функционери и политичари, потоа ги разбуричкува и луѓето – вели Трошановски.
Комуникологот Климе Бабунски вели дека во секојдневните обраќања и на опозицијата и на власта заеднички именител е оцрнување на противникот без аргументација, со речник што излегува надвор од политичката култура и етика.
– Не случајно во секојдневните расправања се присутни зборови од типот предавник и криминалец, поретко сме сведоци на аргументирана расправа. Целта е краткорочно и брзо да се постигне ефект и се оди по линија на помал отпор – вели Бабунски.
Меѓутоа, сите аналитичари, комуниколози и професори се унисони во констатацијата дека е недопустливо воведување на практиката на говор со навреди, нетолеранција, па дури и говор на омраза. Се разбира дека инциденти од овој вид постојат и во развиените демократии, но само како ретки инциденти.
Според соговорниците, ваквиот феномен станал практика кај нас во секојдневните полемики на пратениците, со што се праќа многу лоша и длабока порака до целокупната домашна и меѓународна јавност за односите и (не)функционирањето на парламентарниот систем во нашата земја. Соговорниците сметаат дека тоа е само „врвот на сантата“, што е очигледна манифестација на неефикасноста и нефункционалноста на системот, бидејќи активните учесници во политичкиот систем не можат да ги препознаат националните и стратегиските интереси на граѓаните и на државата, а инаетот, личната и политичката суета, како по некое непишано правило, надвладуваат. Очигледно е, според аналитичарите, дека детските болести на парламентаризмот сѐ уште не се прележани, а досега, секако, требало да се надмине оваа фаза. И ако трае подолго, според соговорниците, уште долго ќе нѐ следи изреката „рогови во вреќа“, а заедничките интереси за просперитет и благосостојба никогаш или во многу далечна иднина ќе бидат пронајдени.