Ширењето на коронавирусот во Индија е трагедија за нејзиниот народ, но исто така е и катастрофа за остатокот од светот, бидејќи 92 држави во развој зависат од азиската држава, чиј Институт за серум (СИИ) е најголемиот светски произведувач на вакцини, за снабдувањето со потребни дози. Згора, дополнителна загриженост предизвикуваат информациите за ширењето индискиот вид на ковид-19 кој беше забележан во уште барем 10 држави. Во Индија вчера беа забележани 2.800 смртни случаи и повеќе од 350 илјади новозаразени.
Се смета дека за избивањето на заразата придонеле мутациите на ковид-19, но и политичките и верските собири организирани низ Индија, на кои присутните не се дистанцирале и не носеле заштитни маски, како и бавниот одговор на индиските власти кои прерано прогласија победа над коронавирусот, во февруари. Научниците, сепак, посочуваат дека е рано да се изнесуваат заклучоци за влијанието на преносливоста на индискиот вид.
Досега, помалку од 10 отсто од индиското население прими прва доза од вакцината против ковид-19, а Индија го запре извозот на големи пратки на вакцини од СИИ, што ќе се одрази врз снабдувањето на другите држави. Згора, од неодамна е дозволен и увоз на вакцини. Но властите се соочуват со критики бидејќи им дозволија на домашните произведувачи зголемување на цените на вакцините што ќе се користат за населението под 45 години.
САД, Обединетото Кралство и Европската Унија веќе најавија помош за Индија, вклучувајќи медицинска опрема, додека таа се справува со новиот бран на ковид-19.