Мотивирани од растечкиот проблем со пластиката, која ѝ штети на животната средина, како во производството така и по нејзиното фрлање во отпад, научниците сѐ повеќе се занимаваат со еколошки прифатливи форми на материјали.
Истражувачите од универзитетот „Јејл“ во САД развија нова биопластика со висока јачина, но способна целосно да се распадне во рок од три месеци.
Во потрага по еколошка биопластика, научниците се свртеле кон сите видови биомаса како нивна почетна точка. Тие можности вклучуваат лушпи од јајца, растенија, па дури и отпад од текила, а сето тоа неизмерно ја зголемува можноста за производство на материјал, кој не само што е еколошки туку и не му е потребен еден век за да се скрши, како што го прават тоа конвенционалните пластики на база на нафта.
Тимот на „Јејл“ започнал со дрвен прав, кој е типичен отпаден производ во мелниците за дрво и користел биоразградлив растворувач за да го намали во кашеста маса од органски полимери и целулоза со водородно поврзување и испреплетување на ниво на нанодимензија. Оваа кашеста маса тогаш можело да се излие како биопластика, која тимот ја тестирал на конвенционална пластика.
Експериментите вклучувале закопување листови од биопластика во земја, каде што по две недели тие пукнале, а за три месеци целосно се распаднале.
– Постојат многу луѓе што се обидоа да развијат ваков вид полимери во пластика, но механичките навои не се доволно добри за да ја заменат пластиката што ја користиме во моментов, а која е претежно направена од фосилни горива. Развивме едноставен процес на производство што генерира пластика базирана на биомаса од дрво, но и пластика што исто така обезбедува добри механички својства – вели професорот Јуан Јао.
Покрај брзото разградување, биопластиката може да се врати и во првобитната форма на кашеста маса, овозможувајќи обновување и повторна употреба на растворувачите.
– Според мене, тоа е она што навистина ја прави оваа пластика добра: сè може да се рециклира или да се биоразградува. Ние ги намаливме сите материјали и отпад што одат во природата – додава Јао.