Фото: Игор Бансколиев

Влошувањето на условите за водење бизнис во Македонија, како што велат експертите, се потврдува со континуираниот пад во рангирањето според извештајот на „Дуинг бизнис“ и на други релевантни меѓународни извештаи, порастот на корупцијата и, секако, со пасивната политика за привлекување странски инвестиции

ПО ЗНАЧИТЕЛНИОТ ПАД НА СТРАНСКИТЕ
ДИРЕКТНИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ЗЕМЈАВА

Реално ли е да се очекува запирање на падот на странските инвестиции и што сѐ, освен актуелнава здравствено-економска криза, придонело кон таквата состојба, е прашањето што константно ја интригира јавноста, а особено по најавата на директорот на Технолошко индустриско развојните зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, дека нови, но и веќе присутни компании годинава ќе ги реализираат своите планови за инвестиции во Македонија. Притоа, тој посочи дека во тек се преговори за петнаесетина нови инвестиции.
За потсетување, лани во земјава имаше значителен пад на странските директни инвестиции, кои достигнаа до едвај 240 милиони евра откако во претходната, 2019 година, се влеале 326,3 милиони евра, а во 2018 година – 624 милиони евра странски инвестиции.

СДИ во Македонија лани паднале за околу 44 отсто

Аналитичарите укажуваат дека било очекувано пандемијата да ги намали странските инвестиции, но истакнуваат дека во Македонија, од земјите во околината, имало најголем пад и дека мора сериозно да се бараат начини за привлекување нови инвестиции.
– Светската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 имаше сериозни последици. Тоа особено беше изразено во светската трговија и во меѓународното движење на капиталот, особено на странските директни инвестиции (СДИ). Според официјалните податоци на УНКТАТ, СДИ во 2020 година на глобално ниво забележале пад од 42 проценти, при што, овие негативни тенденции значително се разликуваат во различни региони во светот. Најпогодени секако се развиените земји, додека земјите во развој бележат помал пад. Земјите од регионот исто така беа сериозно погодени од кризата, при што, покрај падот на домашната потрошувачка и извозот, една од причините беше токму намалувањето на приливот на СДИ. Имено, Македонија во 2020 година забележа пад на СДИ за околу 44 отсто во однос на 2019 година. Мора да напоменеме дека ваков негативен тренд беше забележан и во 2019 година споредено со 2018 година – објаснува професорот Дарко Лазаров од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Лошиот рејтинг, корупцијата, пасивноста…

Лазаров укажува дека еден дел од причините за неповолните тенденции треба да се бараат во глобалната криза, но додава дека не треба да ги занемариме другите фактори, кои имаат значително негативно влијание врз СДИ во изминатите две години.
– Некои од тие фактори се влошувањето на условите за водење бизнис во земјата, што се потврдува со континуираниот пад во рангирањето според извештајот на „Дуинг бизнис“ и други релевантни меѓународни извештаи. Потоа, порастот на корупцијата за што говори фактот дека Македонија се искачи на 111-то место според „Транспарентност интернационал“, кој ја мери перцепцијата за корупција во земјите. И, секако, пасивната политика за привлекување странски инвестиции што ја води Владата во последните четири години.

Од една од најпосакуваните дестинации за СДИ до најниското ниво во регионот

Резултатот од ова е значително нарушување на претходно изградената позиција на земјата како една од најпосакуваните дестинации за СДИ споредено со земјите во регионот. Денес сме сведоци дека тој примат го имаат Србија и Албанија, дополнува Лазаров.
Професорот објаснува дека Македонија во 2020 година има најниско ниво на СДИ како процент од БДП споредено со сите земји од регионот. Додава дека Македонија минатата година имала прилив на СДИ од 2,2 отсто, а за споредба во соседна Србија странските инвестиции достигнале 4,8 проценти, Албанија 5,7 отсто, Косово 4 и во Црна Гора 11 проценти.
– Во однос на очекувањата за оваа година, прогнозите на Светска банка не се оптимистички и покрај најавите за нови инвестиции од страна на владини претставници. Имено, според прогнозите на Светска банка, приливот на СДИ во 2021 година се очекува да биде 2,6 отсто, што споредено со земјите од регионот е повторно најниско ниво. Имено, во Србија се очекува 5 проценти, Албанија 6,2 отсто, Косово 3,2, додека во Црна Гора 8,2 проценти – нагласува Лазаров.
Фокусот да биде на структурата наместо на вкупната сума на странските инвестиции

Површниот пристап кон целиот проблем, според професорот Здравко Савески, најмногу придонел кон актуелнава состојба.
– Поразително е што во Македонија целата дискусија околу странските инвестиции се сведува само на следење на вкупната сума на странски инвестиции во земјата. На пример, во 2019 година најмногу инвестиции дошле од Бермуда (96 милиони евра). Дали тоа не индицира некој проблем? Минатата година најмногу инвестиции дојдоа од Британија, 127 милиони евра. Но од Британија во последните години де се слеваат, де се одлеваат инвестиции. Во 2018 година се слеале од Британија 205 милиони евра, во 2019 се одлеале 79 милиони евра, а во 2020 повторно се слеале 127 милиони евра. Во што конкретно се инвестирал овој капитал? Зошто британскиот капитал од година на година де се слева, де се одлева? Потребно е да се погледне структурата на странските инвестиции наместо целиот фокус да биде на вкупната сума, која малку кажува. Колку од странските инвестиции завршиле како реални производствени капацитети, а колку се виртуелни трансакции на перење пари и нивно извлекување од земјата преку сметководствени игри? Колку „странските“ инвестиции што доаѓаат од даночните раеви се фактички македонски капитал за кој не се платени даноци? – прашува Савески.
Toj дополнува дека „кога анализата нема да се сведе на стерилната бројка на вкупни инвестиции, она што може да се очекува е реалните инвестиции што вклучуваат вработувања да се намалат, првенствено поради намалената потрошувачка во развиените земји, што негативно влијае врз можностите за профитирање“.

Што ќе покажат симулациите?

Инаку, директорот на ТИРЗ, Деспотовски, пред некој ден посочи дека во првите три месеци од годинава се потпишани договори со три странски компании, а во тек се преговори за уште 15 нови инвестиции, од кои дел се нови компании, а дел се веќе присутни инвеститори во земјава.
– Инвестициски проекти вкупно тежат околу 250 милиони евра и со нив се предвидува отворање на дополнителни 5.500 работни места. Со овие компании разговараме и можам да кажам дека голем дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата, што е чекор пред склучување договор. Можам да кажам дека годинава ќе биде позитивна – изјави Деспотовски.
Директорот истакна оти пандемијата покажала дека фокусот само на еден сектор е ризик, како примерот со автомобилската индустрија кај нас, поради што ТИРЗ ќе ја менува политиката и се отвора кон привлекување инвестиции и од другите сектори. Тој истакна дека две од компаниите со кои се разговара се од фармацевтската индустрија, која, како што рече, носи и поголема додадена вредност, повеќе средства во буџетот и повисоки плати.