Црна Гора, Македонија и Косово вчера ги добија првите поголеми пратки вакцини против ковид-19, кои се наменети за земјите од Западен Балкан, во рамките на механизмот „Ковакс“. Босна и Херцеговина и Албанија викендот ги добија и донациите од Турција, кои се обезбедени од кинескиот производител на вакцини. Авион со 30.000 вакцини, донација од Турција, денеска треба да пристигне на сараевскиот аеродром, јави порталот „Аваз“.
– Првиот контингент вакцини против коронавирусот пристигна во Црна Гора преку системот „Ковакс“ – соопшти црногорската влада.
Македонскиот министер за здравство Венко Филипче, заедно со претставници на Министерството за здравство и високи дипломати во земјава, присуствуваше на скопскиот аеродром, каде што пристигнаа 24.000 дози од вакцината на „Астра Зенека“.
Дописникот на МИА од Приштина јави дека кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти соопшти дека земјата вчеравечер го очекуваше првиот контингент на вакцини против ковид-19, како дел од меѓународната програма „Ковакс“. Според информации на весникот „Коха“, станува збор за 24.000 дози вакцини од производителот „Астра Зенека“, а нови количества се очекуваат во текот на април.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, од градот Шијак, каде што го следеше вакцинирањето на вработените во градинките, најави дека од денеска ќе започне масовната имунизација на населението.
– Од утре почнуваме масовна вакцинација, ќе ги заштитиме и вашите и родителите на вашите сопрузи – им рече тој на воспитувачките, што всушност значи почеток на реализација на најавата што деновиве ја даде Рама, дека почнуваат со вакцинација на лицата над 60 години.
Министерката за здравство Огерта Манастирлиу, која го придружуваше Рама, изјави дека досега вакцина примиле 20.000 просветни работници и универзитетски професори.
Грција од април очекува повеќе испораки на вакцини и планира најдоцна до почетокот на мај да ги вакцинира најмалку со една доза сите граѓани над 60 години што сакаат да се вакцинираат. Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, истакна дека „масовната имунизација ќе овозможи да ја вратиме контролата врз нашите животи“ и додаде дека на ниво на Европската Унија лично тој извршил голем притисок врз фармацевтските компании да бидат точни во нивните обврски.
Изминатиот викенд многу граѓани од Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Македонија се вакцинираа во Белград и во Ниш.