Заврши времето кога во државата имаше еден судија, еден обвинител, еден адвокат, еден извршител, кога целата моќ беше на едно место, сега секоја институција постапува во согласност со своите надлежности и овластувања, порача вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето за случајот со родиликата од Дебар и разрешувањето на директорот на струшката болница, Мухамед Асани, вицепремиерот нагласи дека веднаш биле преземени мерки од страна на надлежните инспекторати.
– Прв сум кој излезе за овој случај и кажа и побара ДЗСИ да ги спроведе сите контроли и веднаш експресно во рок од 24 беше издадено решение за забрана за вршење дејност во просториите каде што се одвивале нелегалните дејства во ординацијата. Преку посебена комисија, формирана од министерот за здравство, се донесе решение за смена на директорот. Така се постапува во кој било случај каде што се констатирани одговорност и пропусти и се охрабруваат институциите во согласност со своите надлежности да ги расчистат сите постапки – изјави Николовски.
Вицепремиерот исто така обвини дека ВМРО-ДПМНЕ во отуство на идеи секојдневно лиферува лаги, невистини и конструкции.
– Помина и времето кога институциите не смееја да помислат да им ги споменат имињата на некои функционери, министри или блиски на власта, а не да влегуваат и да бараат документи, како што тоа денес се случува во рамките на сите институции – посочи Николовски.