Софтверот за сообраќајни прекршоци е регуларно набавен преку јавна набавка, авторските права за него се во сопственост на Владата, а за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност, рече од собраниската говорница премиерот Зоран Заев како одговор на пратеничко прашање на Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ за софтверот што го набавил поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски, со вредност од 81.000 евра.

Премиерот посочи дека Јавното обвинителство и антикорупциската комисија се обратиле до Владата и оти службите имаат наредба да постапат по сите информации и процедури за целата набавка на софтверот оценувајќи дека отчетноста и транспарентноста се целосно дел од работењето на Владата.

– Должен сум да информирам дека софтверот за сообраќај е набавен преку регуларна јавна набавка. Авторските права се во целосна сопственост на Владата и за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност. Генералниот секретар, во согласност со законот и Деловникот, има право да прави анализи и да ги доставува до министерствата – истакна Заев.

Премиерот посочи дека софтверот е изработен од Факултетот за информатички науки (ФИНКИ) и Друштвото „Инвока“ ДООЕЛ Скопје и е целосно оспособен и тестиран, а додаде дека ќе биде ставен во функција кога за тоа ќе се извршат потребните синхронизации со базите на податоци од институциите.

Заев сепак повика и јавно да се соопштат сите детали од истрагата на Јавното обвинителство и антикорупциската во врска со оваа јавна набавка.

Во однос на постапката „Леонардо“, во која исто така се споменуваше името на Рашковски, Заев истакна дека е завршена со целосна истрага, во која е утврдено дека јавната набавка на радарскиот систем и сите претходни постапки се завршени за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ кога директор, како што рече премиерот, бил таткото на поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Во однос на прашањето за компанијата „Јелак градба“ на црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака, која го откупила имотот и добила решение за приватизација на градежно земјиште на влезот на Тетово, Заев повтори дека целата постапка е транспарента и единствените пари што се споменуваат, како што истакна, се парите дадени за време на ВМРО-ДПМНЕ.