Во рамки на посетата на Брисел, министерот за правда Бојан Маричиќ оствари средба и со еврокомесарот за финансии, Јоханес Хан, на која разговарале за реформите во правосудството и процесот на дигитализација на судовите.

Во Европската унија има подготвеност конкретно да го помогнат овој процес кој ќе претставува зголемување на ефикасноста на судовите и своевиден технолошки скок, информираат од ресорното министерство.

Како што е предвидено, треба да се дигитализираат над 100 судови во земјата.

– Добивме поддршка за овие потфати со разгледување на можностите за поголема финансиска помош во делот на дигитализацијата и во делот на зајакнување на администрацијата на судството. Ги дискутиравме сите актуелни моменти во однос на спроведувањето на процесот на набавка на вакцините, но и за тоа како побрзо да се отворат преговорите за државите од Западен Балкан. Добивме поддршка за сите напори, добивме гаранција дека ЕК ќе продолжи со конкретна поддршка на Северна Македонија – истакна Маричиќ.

Министерот за правда посочи и дека има силна поддршка и надеж, оваа година да се отворат и почнат преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.