Судот ѝ наложи на државата да им обезбеди образование на децата во воспитно-поправниот дом „Тетово“, од почетокот на учебната 2021/2022 година.
Основниот суд Скопје 2 во Скопје донесе првостепена пресуда дека ускратеното право на образование на овие деца претставува индиректна дискриминација врз нив и врз основа на нивната етничка припадност и врз основа на нивниот статус како малолетни престапници.
Случајот беше покренат од страна на Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), а пресудата не е правосилна и против неа може да се изрази жалба.
– Ова е првиот позитивен чекор кон обезбедување правда за овие деца. По претходната тужба за овој случај, судот го одби тужбеното барање со објаснување дека не може да постои дискриминација бидејќи на ниедно од децата не им се нуди формално образование. Ние сметавме дека ваквиот аргумент е апсурден и покажува недоволно разбирање на концептот за индиректна судска одлука во корист на ромски и неромски малолетни престапници заради ускратено право на образование во Северна Македонија е дискриминација, па затоа во март минатата година поднесовме нова тужба во име на сите деца од оваа воспитно-поправна институција – ромски и неромски – изјави менаџерката за правни работи при ЕЦПР, Сенада Сали.
ЕЦПР поднесе тужба против Управата за извршување санкции (во рамките на Министерството за правда), Министерството за образование и воспитно-поправниот дом „Тетово“, кој моментално е лоциран во рамките на затворот во Охрид. Тужбата е една од првите од ваков вид (тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес) поднесени врз основа на ново усвоениот Закон за спречување и заштита од дискриминација кој неодамна беше повторно усвоен и вратен во сила откако претходно беше укинат од страна на Уставниот Суд. Во неа се аргументира дека децата сместени во воспитно-поправниот дом се индиректно дискриминирани во споредба со децата вон таа институција кои имаат слободен пристап до основно и средно образование. Бидејќи ромските деца се диспропорционално застапени меѓу штитениците на оваа институција, се смета дека тие подлежат на натамошна индиректна дискриминација врз основа на нивната етничка припадност.
Судот им наложи на надлежните органи и да ги надоместат трошоците за водењето на постапката во износ од околу 1.130 евра.