По повод Денот на пролетта и Деновите на екологијата, во галеријата „Kо-Ра“ на домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, во тек е групна изложба насловена „Заедно за нашата планета Земја“. Изложбата, која се организира веќе трета деценија, се приклучува кон секојдневното дејствување во сите сфери за спас на планетата Земја.
– Имајќи го предвид значењето на оваа сеопфатна проблематика од есенцијално значење, која подразбира широк спектар активности, каде што е неопходен секој ангажман на секоја индивидуа одделно, како обид за спас на голем број видови загрозени од климатските промени, за спас на шумските оази, сѐ почесто изложени на опожарувања и немилосрдна експлоатација, за спас на еколошкото семе, од кој зависи опстанокот, намалување на сообраќајот, застапеноста на велосипедот и заложбата за пешачки зони во урбаните центри, побудување на колективната свест и придонес на секоја индивидуа со инвентивни предлози и решенија – вели Виолета Калиќ, стручна соработничка за визуелни уметности, дизајн и архитектура во домот на култура „Кочо Рацин“.
На изложбата учествуваат 28 учесници.
Калиќ дополни дека секоја година сѐ повеќе се придружуваат и нови имиња од повеќе генерации што учествуваат во голем број проекти со ангажиран карактер, како непосреден придонес во афирмацијата на оваа проблематика од витално значење за опстанокот на нашата планета Земја.