Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, вечерва на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук во врска со претресите во станови за случајот „Плацеви на Водно“ кои се поврзуваат со него, ги обвини „репресивните органи на власта“.
– Речиси две и пол години по моето заминување од Македонија и добивање азил во Унгарија, во 06 часот изутрина упаднаа во станот каде живеат моите две деца и сопругата со цел да извршат претрес. Немале потреба да прават такви вознемирувања на моето семејство и особено на децата, бидејќи што и да побарале ќе им било дадено. Освен ако тоа вознемирување не било една од целите – напиша Груевски.
Тој наведува дека користел два стана во сопственост на неговара мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, наведува, во одреден период имал извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеел, а од кои имал потреба.
– Не постои ништо друго надвор од тоа. Не постои наков скриен имот, стан или земјиште. Ниту сум купил, ниту платил, ниту продал било какво земјиште, стан или друг движен и недвижен имот, што впрочем може да се провери и во катастерот. Надвор од ова, мојата мајка не поседува никаков стан во Аеродром. Поседува стан во Капиштец купен на кредит во 1984 година. Не постои некаков мој стан на име на моја секретарка како што денес напишаа дел од медиумите – наведува Груевски.
Денеска од Јавното обвинителство информираа дека по барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е извршен претрес во повеќе објекти.