Исклучително сум задоволен од масовноста на оваа работилница, изјави Вук Карановиќ, раководител на Развојниот оддел на ЦЕВ, задолжен за реализација на проектот „Играј одбојка, расти со неа“ на европско ниво, во чии рамки во Скопје, на работилницата во организација на ЦЕВ и на ОФМ, предавач-демонстратор беше Белгиецот Де Лус, тренер со светско реноме кога станува збор за работа со деца во почетната фаза на тренинг
Белгиецот Кристоф де Лус, тренер со светско реноме кога станува збор за работа со деца во почетната фаза на тренинг, беше предавач-демонстратор на работилницата во рамките на проектот на Еразмус, „Играј одбојка, расти со неа“, во организација на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) и на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), викендов, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Неговото предавање го проследија и 86 македонски тренери и професори по физичко образование, кои имаа можност да видат и да научат специфични вежби за оваа возрасна категорија. Користејќи основни помагала, белгискиот едукатор на двете двочасовни сесии на македонските колеги им понуди нов поглед кон тренажниот процес.
– Исклучително сум задоволен од масовноста на оваа работилница, особено од желбата на присутните активно да учествуваат. Ако се има предвид ситуацијата со коронавирусот, како и фактот дека голем дел учесници дојдоа во Скопје од други градови, може да се заклучи дека тие имаат желба да инвестираат во своето знаење. Тоа е многу важен чекор и несомнено покажува дека македонската одбојка има потенцијал. Од ваквите настани очекуваме да добиеме масовност и да ја подобриме едукацијата на тренерите и на професорите по физичко, кои се наши партнери во целиот процес – изјави Вук Карановиќ, раководител на Развојниот оддел на ЦЕВ, задолжен за реализација на проектот на европско ниво.
Покрај ОФМ, учесници во проектот се и одбојкарските федерации на Словачка, Естонија и на Финска, како и два спортски универзитета, во Келн и во Анкара.