ТАЛЕНТИ

За Александар Грујиќ, ученик во петто одделение во ООУ „Владо Кантарџијев“ во Гевгелија, веќе се зборува како за вонсериски тениски талент.
Засега тренер му е неговиот татко, Љубиша Грујиќ.
Александар започнал да тренира тенис на четиригодишна возраст, што е идеално време за да може едно дете понатаму да го развие својот талент и да цели кон поголеми достигнувања.
Долга е листата на неговите успеси на тениските турнири во Македонија, каде што настапувал од 2017 година и каде што редовно ги освојувал или првото или второто место. Сите овие настапи и постигнати резултати му овозможуваат на младиот Александар, оваа 2021година, на ранг-листата на Македонската тениска федерација на тенисери до 12 години да биде на првото место, додека на ранг-листата на тенисери до 14 години го зазема високото шесто место.
Затоа, не изненадуваат и коментарите на некои тениски стручни лица, кои во суперлативи говорат за неговата игра. Така, Горан Китановски ќе каже дека Александар поседува огромен потенцијал и во секој меч ја покажува својата техничка супериорност

. Марко Чуљак ја истакнува добрата работа со нозете и рацете, Џон Вигил го фали неговиот сервис, Едуардо Флорес, пак, тврди дека станува збор уште сега за еден исклучително талентиран тенисер, додека Рекс Торес го дава најголемиот комплимент, коментирајќи дека станува збор за мал Новак.
Ова последното и не е толку за изненадување, ако се знае дека токму Новак Ѓоковиќ е омилениот тенисер и идол на Александар.
Од сево ова кажано, очигледно е дека станува збор за млад тенисер во кој треба да се вложува за негово усовршување и за создавање поволни услови за тренирање.
Изминатиот викенд почна новата сезона на тенисери до 12 години и Александар играше во Скопје. Да му посакаме и нему и на неговиот тренер, таткото Љубиша, и оваа година да постигнуваат добри резултати, а на македонската држава да вложува не само во Александар туку и во сите деца што покажуваат огромен талент во спортот. Љ.А.