Загреб – Пописот на населението во Хрватска што беше најавен за април се одложува и ќе биде одржан во зависност од епидемиолошката состојба во земјата, а можно е тој да биде спроведен наесен, изјави Дамир Плесац од Државниот завод за статистика. Посебното попишување на населението почна на 1 март во пет жупании и ќе трае до 15 март, а се спроведува во две фази.
– Во првата фаза граѓаните може да се попишат преку интернет, а во другата фаза попишувачите ќе излезат на терен – изјави Плесац за ХРТ. („24 сата“)

Атина – Нов земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала ја потресе централна Грција во четвртокот вечер, ден по земјотресот со јачина од 6,3 степени во истата област, објави атинската сеизмолошка опсерваторија. Нема информации за жртви.
Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ја погоди централна Грција во средата. Епицентарот беше на 22 километри северозападно од Лариса. („Телма“)

Љубљана – Поради опасност од внесување нови видови на коронавирусот, Словенија ќе спроведе засилен надзор и ќе ги заостри условите за влез во земјата на границата со Италија, Австрија и со Унгарија. Од понеделник, 15 март, оние што ќе влезат во Словенија како дневни или неделни работнички мигранти, ќе мора да покажат негативен тест за коронавирусот, не постар од седум дена, што досега не мораше да го сторат и беа ослободени од задолжителен карантин. („Индекс“)


Бисер балкански

Европски рекордери во дебелина

– Ако во следните 30 години не го намалиме трендот на пораст на дебелината, просечниот животен век ќе се намали за три и пол години. Во Хрватска 35 отсто од осмоодделенците имаат проблеми со прекумерна тежина. Околу 57,4 отсто од возрасните во Хрватска се дебели, а тоа е ризичен фактор за низа хронични незаразни болести, односно кардиоваскуларни заболувања и дијабетес – вели Сања Мусиќ Милановиќ, раководителка на истражувањето за Република Хрватска од европската иницијатива за следење на дебелината на децата „КроКОСИ“.
Во Хрватска поголем проблем со тежината имаат мажите, или 67,6 отсто од машката популација имаат прекумерна тежина се „апсолутни прваци во Европа“. Сите четири земји што имаат поголем проблем со дебелината од населението во Хрватска му припаѓаат на медитеранскиот регион.