МВР ќе продолжи да трага по бегалецот со сите расположливи средства, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција, по повод бегството на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. МВР смета дека Мијалков уште се наоѓа во Македонија, според сите извршени анализи и проценки, како и врз основа на добиените информации.

– МВР интензивно продолжува со потрагата. Во тек се информативни разговори со лица кои би можеле да поседуваат информации или се поврзани со истрагата. Извршени се информации со 10 лица меѓу кои се членови на семејство и обезбедувањето. Одземени се телефони, документација и други предмети. Обезбедени се снимачи од згради и објекти, а проверени се и камерите. Продолжуваат проверките на локациите поврзани со истрагата, а издадени се и домашна и меѓународна потерница – истакна Спасовски, кој наведе дека во саботата во 12.30 часот бил известен од обвинителката Вилма Русковска оти Мијалков подготвува бегство.

Министерот ги отфрли сите шпекулации за какви било договори, нагласувајќи оти МВР ги презело сите мерки за обезедување на Мијалков.

– Најкатегорично ги отфрлам сите шпекулации за какви било договори. МВР ги презеде сите мерки за обезбедување на лицето и активно работи за приведување на лицето пред правдата – категоричен е Спасовски, кој сепак, додаде дека „се сомнева оти постои крт во која било од институциите што со години беа под режимот“, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој напомена дека мора да има одговорност за оние кои не постапиле соодветно и ги охрабри и другите институции да дадат одговори за случајот.

– Мора да има одговорност за оние што не постапиле соодветно. Граѓаните бараат правда и правда мора да има, а ќе се обезбеди со ефикасно функционирање на институциите и со преземањето на мерки. Системот мора да функционира – категоричен е Спасовски, кој потенцира дека поднесувањето оставка би било повлекување и дефанзива, а институциите треба да се борат и понатаму.


Три возила излегле од „Мериот“, но не можело да се види дали Мијалков е внатре

Во саботата околу 12.30 часот добив повик од Вилма Русковска и ме извести дека Сашо Мијалков подготвува бегство. Иако можела да го извести судот, се договоривме да испрати документ до МВР да провериме дали имаме ние такви сознанија. Во 17 часот добивме известување во кое стои дека Русковска располага со информации дека Мијалков се подготвува да избега поради тоа што ќе добиел поголема затворска казна од посакуваната. Во 23 часот е испратено известување до ОЈО. Во 22.30 часот е издадено за пркриено полициско делување. Следење на лице без судска наредба не може да се направи, објасни Спасовски, правејќи хронологија на настаните.

Тој посочи дека МВР во 21.30 часот дознало оти Мијалков е недостапен за органите на прогонот.

– Во неделата се побарани дополнителни информации од БЈБ, но немало. Дадени се наредби за следење на излезите на градот. Во 18.40 минути е забележан кон „Мериот“, Мијалков со женско лице и три машки лица. Потоа три возила излегле од „Мериот“, но не можело да се види дали и Мијалков е внатре. Возилото се упатило кон улица Славејко Арсов. По решението за притвор, во 21.30 минути е утврдено дека Мијалков не е таму. Извршени се проверки во три станови, сопственост на Мијалкови – додава Спасовски.