Евертон славеше во градското дерби над Ливерпул на „Енфилд“ (2-0), првпат по 1999 година, а во оваа домашна серија на актуелниот првак се и поразите од Барнли (0-1), Брајтон (0-1) и од Манчестер сити (1-4). Ваква серија Ливерпул имал и во 1923 година, кога, исто така, ја бранел титулата

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Евертон забележа победа на гости над Ливерпул на стадионот „Енфилд“ во градското, Мерсисајд дерби (2-0), првпат по 27 септември 1999 година кога Кевин Кемпбел му донесе победа на тимот предводен од менаџерот Волтер Смит, односно прв триумф во дерби од 2010 година досега. За Евертон ова беше прва победа над Ливерпул по 23 средби во сите натпреварувања (12 ремија и 11 порази), ставајќи ѝ крај на најдолгата успешна серија на Ливерпул против кој било противник.
Актуелниот шампион Ливерпул ги загуби четирите последователни домашни натпревари, првпат од 1923 година, кога, исто така, ја бранел титулата. За кошмарната ситуација во која се наоѓаат „црвените“ сведочи и фактот дека тие се и првиот актуелен првак што загубил четири натпревари дома во првенството, по Евертон од сезоната 1928/29.

Меѓу бранителите на титулата шампион во Премиер-лигата, само Лестер во сезоната 2016/2017 (21 бод) и Челси во сезоната 2015/2016 (30), имаа помалку бодови од Ливерпул (40) по 25 натпревари во сезоната по освојувањето на титулата.
Годинашната серија порази за Ливерпул почна со поразот од Барнли (0-1) на 21 јануари, што значеше и крај на серијата од 68 натпревари без пораз на „Енфилд“. Потоа уште три екипи, Брајтон (0-1), Манчестер сити (1-4) и Евертон дојдоа и си заминаа дома со бодовите.
– Ова беше сенка на тимот на Ливерпул. Како навивач на Ливерпул, длабоко сум разочаран од мојот тим. До неодамна никој не сакаше да игра против Ливерпул, тоа им беше како ноќна мора. Сега работите се сменија, сите сакаат да играат против него – изјави Грем Сунес, поранешната играчка легенда на Ливерпул од 80-тите години од 20 век, сега стручен коментатор на „Скај спорт“.