Фото: Игор Бансколиев

Нема слободни термини за некакви подолги подготовки пред ЕП. Она што ќе следува се собирот и подготовките за квалификациските мечеви за СП кон крајот на март. Дури потоа ќе размислуваме за ривалите на ЕП, што ќе значи гледање натпревари, анализи, следење на формата на македонските репрезентативци во Европа и слично, вели селекторот Ангеловски, кој планира в четврток во Загреб да го гледа реванш-мечот од Лига Европа, Динамо – Краснадор, и да ги види на дело Аријан Адеми и Стефан Ристовски, кои се стандардни во хрватскиот тим

ФУДБАЛ – ИГОР АНГЕЛОВСКИ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Задоволен сум од тоа што го сработивме на тридневните мини-подготовки во Скопје, како и од залагањето на фудбалерите, кои и понатаму ќе ги следиме. Во зависност од нивната форма и од потребите на репрезентацијата ќе зависи и нивниот натамошен ангажман, вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, по минатонеделниот собир со фудбалери од домашното првенство и со некои од странство.
Следниот собир на македонските фудбалски репрезентативци е предвиден во март, пред квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар. Според распоредот на натпреварите во групата Ј, репрезентацијата на Македонија треба да игра со селекциите на Романија на гости (на 25 март), Лихтенштајн дома (на 28 март) и против Германија на гости (на 31 март).
– Нема слободни термини за некакви подолги подготовки пред Европското првенство. Она што ќе следува се собирот и подготовките за квалификациските мечеви за Светското првенство кон крајот на март. Дури потоа ќе размислуваме за ривалите на Европското првенство, што ќе значи гледање натпревари, анализи, следење на формата на македонските репрезентативци во Европа и слично. Планирам в четврток да бидам во Загреб, на реванш-натпреварот во Лига Европа, помеѓу Динамо и Краснадор (3-2 по првиот меч – н.з.), и да ги видам на дело Аријан Адеми и Стефан Ристовски, кои се стандардни во хрватскиот тим. Остануваат отворени опциите за некакви други слични патувања поради ситуацијата во врска со пандемијата на ковид-19 и (не)можноста слободно да се патува – вели Ангеловски.

По завршувањето на националните фудбалски шампионати, најдоцна до средината на мај, ќе следуваат завршните подготовки за настап на континенталното првенство, на кое Македонија ќе дебитира. Ова Европско првенство треба да се игра во 12 града во исто толку земји.
Ривали на фудбалската репрезентација на Македонија во групата Ц се селекциите на Австрија (мечот е закажан за 13 јуни, во Букурешт, Романија), Украина (17 јуни во Букурешт) и на Холандија (21 јуни, во Амстердам, Холандија).
– Собирот и почетокот на подготовките за Европското првенство се закажани за 25 мај во Скопје, каде што ќе се тренира. Планиран е само еден контролен меч, против Словенија, на 29 мај во Скопје за што чекаме формална потврда. Мислам дека таа единствена проверка на моментната форма ќе биде доволна во дадената ситуација, по напорните првенства кога на фудбалерите им е потребно мало освежување пред напорните три меча на Европското првенство. Потоа на 8 јуни заминуваме за Букурешт, кој ќе биде нашата база на првите два меча, на финалните подготовки пред историските дуели – вели Ангеловски.


СЛЕДНИ МЕЧЕВИ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

ДВОЈКА ДАТУМ НАТПРЕВАРУВАЊЕ
Романија – Македонија 25 март квалификации за СП 2022
Македонија – Лихтенштајн 28 март квалификации за СП 2022
Германија – Македонија 31 март квалификации за СП 2022
Македонија – Словенија 29 мај пријателски меч
Македонија – Австрија 13 јуни ЕП 2020, група Ц, Букурешт
Македонија – Украина 17 јуни ЕП 2020, група Ц, Букурешт
Македонија – Холандија 21 јуни ЕП 2020, група Ц, Амстердам

почетокот на подготовките за ЕП е предвиден за 25 мај