Владата подготвува интензивна информативна кампања со цел да се приближи суштината, карактерот на договорот со Грција и да се информира јавноста најдетално за секој граѓанин да може да донесе одлука базирана на информации на престојниот референдум, најави советникот на премиерот за надворешна политика Дане Талески.
– Се наближуваме во период кога се решаваат прашања од највисок национален интерес за граѓаните и за државата. Владата има обврска во еден таков момент да направи сè што може да ги инфомира граѓаните најдобро што може кога ќе одлучуваат на 30 септември да ја изјаснат својата волја да бидат информирани најмногу што може. Во таа смисла веќе неколку пати премиерот зборува за договорот исто така и различни министри, а поентите се дека државјанството според договорот останува македонско, дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик е целосно заштитен, дека нема да има промена на ниту еден од официјалните симболи на државата и дека договорот каков што е не е идеален, но е доволно добар, фер договор кој ги зачувува нашите основни потреби и ни отвора перспектива – вели Талески во интервју за ТВ Канал 5.
Според него, во моментов се води многу недобронамерна пропаганда и се сеат лаги меѓу луѓето.
– Има кампања за бојкотирање, но граѓаните треба да знаат, а и тие кои ја покренуваат, дека при неостварување на цензусот значи дека референдумот не создал правна обврска, всушност тоа не го дерогира договорот, туку граѓаните ја префрлаат одговорноста на институциите. Не е прашањето што ќе прават институциите. Прашањето е на секој поединец, секоја индивидуа дали во еден ваков историски момент треба да се излезе, да се оствари своето право на глас или да се остане дома. Останувањето дома е дефетистички и ескапистички. Ги принудувате луѓето да не бидат активен поединец во едни демократски процеси, а силата на демократијата е токму тоа – вели Талески.
Тој повтори дека на лидерските средби е договорено, односно добиено е ветување од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не го бојкотира референдумот и да не повикува на активен, ниту на пасивен бојкот, бидејќи, нагласува, опозицијата има апсолутна обврска да работи во интерес на граѓаните и на државата.
– Тие имаат обврска да се борат, да се натпреваруваат со своите политички субјекти, но никако не смеат да ги рушат интересите и перспективите на граѓаните и на државата – посочи Талески.
Според него, триесетте политички и граѓански здруженија кои вчера потпишаа Меморандум за стратешка соработка за бојкот на референдумот претставуваат маргинална група. Тие имаат право да го изразуваат својот став, но вели претставуваат многу мал, ограничен маргинален дел од нашето општество кој не сака РМ да оди во ЕУ и во НАТО, наспроти преку 80 отсто од населението кое сака да бидат реализирани стратешките цели на државата – членството во НАТО и ЕУ.