Кога бев мало девојче, сакав да бидам најдобрата во светот. Тоа и го напишав во мојот дневник. Што значи тоа? Многу напорна работа, многу жртви и посветеност. Речиси е неверојатно кога ќе погледнам назад на сè, вели Шифрин
Американката Микаела Шифрин триумфира во алпска комбинација на Светското првенство (СП) во Кортина д`Ампецо и стана и првата, во машка или во женска конкуренција, што освоила златни медали на пет СП по ред.
– Секогаш се обидувам да бидам на врвот, не заради рекордите, туку затоа што сакам да скијам брзо. Кога бев мало девојче, сакав да бидам најдобрата во светот. Тоа и го напишав во мојот дневник. Што значи тоа? Многу напорна работа, многу жртви и посветеност. Речиси е неверојатно кога ќе погледнам назад на сè – изјави Шифрин (25), која на ова СП освои и бронза во супервелеслалом, за неа вкупно деветти медал на мундијалите, еден повеќе од сонародничката и досегашна рекордерка Линдзи Вон.
Шифрин освои четири злата во слалом, по едно во супервелеслалом и во комбинација, потоа сребро во велеслалом и уште две бронзи во велеслалом и во супервелеслалом. Со шестата титула светска шампионка, Шифрин, која го надмина и американскиот рекорд од пет злата на СП на Тед Лигети, настапи на две зимски олимписки игри и на пет СП и освојуваше барем по едно злато. Таа е олимписка или светска првенка во четири од петте дисциплини (освен во спуст). Само Швеѓанката Ања Персон има златни медали во сите пет дисциплини.
Во трката за мажи, златото во алпска комбинација го освои Марко Шварц (25), специјалистот за слалом, освојувач на бронза на СП 2019. Тоа е трет златен медал за австриските скијачи на СП 2021. Претходно во двете најбрзи дисциплини, во супервелеслалом и во спуст, победи Винсент Крихмаер.