Малиот град Груде во западнохерцеговскиот кантон на БиХ стана интересен за граѓаните на Хрватска по повикот од тамошниот Институт за јавно здравје да аплицираат за руската вакцина против коронавирусот, за цена од 25 до 40 конвертибилни марки за доза.
Сплитска „Слободна Далмација“ пишува дека до петокот вечерта во Груде биле регистрирани повеќе од пет илјади имиња, од кои стотици биле хрватски државјани.
– Се плаќа во аптека, ние ги земаме дозите за тој ден според планот за вакцинација и му издаваме сметка на корисникот. Ни требаат само вашите податоци, и тоа е тоа – рече медицинска сестра од Институтот за јавно здравје во Груде.