„Јавна соба“ е кривично дело, да се казнат лицата кои во групата на Телеграм објавувале експлицитни фотографии од девојчиња без нивна дозвола, да се донесат законски измени, а Јавното обвинителство да не молчи. Ова се дел од пораките и барањата на учесниците на протестниот марш за случајот „Јавна соба”.
– Тука сме стотици кои сме биле жртви на сексуално злоставување. Ова мора да заврши. Нема да молчиме веќе. Нема да не залажуваат со бришење на една група и со приведување на четворица мажи – порачаа учесниците на денешниот протестен марш за поддршка на жртвите на „Јавна соба“.
„Држава што угнетува е држава што силува. Силувачот си ти“, повикуваат демонстрантите движејќи се од МВР кон Јавното обвинителство. „Ти не си виновна“, „Едуцирај го син ти“, „Нашето не, никогаш не значи да“, гласат дел од пораките истакнати на транспарентите на протестот.
На протестот присуствува и 28-годишната Ана, девојката која прва проговори за траумите што ги доживеала откако нејзини фотографии се најдоа пред очите на повеќе од 8 илјади членови на групата.
Протестот почна пред седиштето на Министерството за внатрешни работи, а ќе заврши пред зградата на Јавното обвинителство. На протестниот марш учествуваат членови на невладини огранизации, како и дел од жртвите на групата „Јавна соба“ чии фотографии и лични податоци беа споделени на социјалната мрежа Телеграм.
За случајот „Јавна соба“ полицијата приведе четири лица и им ги одзеде мобилните телефони. Неизвесно е за кое кривично дело ќе одговараат тие. Сличен случај беше отворен и минатата година. Тој случај се уште е во предистрага во обвинителството.