Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, телефонски разговараше со претседателот на Русија, Владимир Путин, и го замоли да и помогне на Србија што поскоро да добие дополнителни количини руска вакцина, со цел што повеќе српски граѓани да добијат сигурна заштита од коронавирус.

Вучиќ му се заблагодари на претседателот Путин за поддршката во борбата против коронавирусот и особено за испораката на вакцината „спутник в“, бидејќи придонесе Србија да биде предводник во вакцинирањето на населението, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот.

Тој исто така истакна дека Србија со помош на експерти од Русија ќе гради постројки и ќе произведува вакцини самостојно.

Двајцата државници изјавија дека никој не може да го прекине пријателството меѓу Србија и Русија и дека односите меѓу двете земји се стабилни и дека тие растат.

Во долг пријателски разговор, тие разговараа за цел спектар на теми кои ги опфаќаат областите на билатералната соработка, како и регионалните и меѓународните ситуации.

Вучиќ му се заблагодари на претседателот Путин за неговата непоколеблива лична поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, како и за активната поддршка на руската држава по прашањето на Косово.

Српскиот претседател потврди дека Србија има намера понатаму да ги развива стратешките односи со Русија и изјави дека можностите за економска соработка се многу поголеми од искористените.

Вучиќ ја истакна важноста на гасоводот Балкански тек, што придонесува за енергетската стабилност на Србија.