Во текот на 14 дена ќе имаме до 390.000 луѓе тука, во паркот „Мелбурн“, што е околу 50 отсто од просекот во текот на изминатите неколку години, вели министерот за спорт на државата Викторија, Мартин Пакула
ТЕНИС
Тенискиот гранслем-турнир Австралија опен (8-21 февруари) ќе може да дозволи да присуствуваат до 30 000 гледачи дневно, соопшти министерот за спорт на државата Викторија. Овој капацитет на публика ќе биде дозволен во првите осум дена од турнирот, поделени еднакво помеѓу дневните и ноќните сесии. Потоа од четврт-финалето ќе се намали на 25.000, односно на половина од просечната посетеност од претходните години.
– Во текот на 14 дена значи дека ќе имаме до 390.000 луѓе во паркот „Мелбурн“, што е околу 50 отсто од просекот во текот на изминатите неколку години. Теренот „Род Лејвер“ ќе има неверојатна атмосфера, не толку различна од атмосферата што ја видовме на сите отворени турнири во изминатите години. Нема да биде исто, но ќе биде најзначајниот меѓународен настан со толку многу луѓе што светот го видел по многу месеци – рече министерот Мартин Пакула, пишува „Би-би-си“.
Тенисерите почнаа да го напуштаат карантинот во хотелот откако го завршија нивниот задолжителен период од 14 дена во изолација по пристигнувањето во Австралија. Во почетокот на јануари повеќе од 1.700 играчи и други луѓе поврзани со овој прв турнир пристигнаа во Австралија со чартер-летови. На повеќето играчи им беше дозволено да излегуваат од своите простории пет часа дневно за да тренираат на терен, но помала група од 72 играчи беше целосно затворена во своите простории откако беа откриени случаи на ковид-19 на нивните летови.