Турнирот во Вајк ан Зе се игра од 1938 година

Турнирите во Вајк ан Зе, Линарес, Дортмунд, Рејкјавик, меморијалот „Михаил Таљ“ по својот квалитет и традиција се она што се, на пример, гранслемите во тенисот, грантур-трките во велосипедизмот, „Четирите скокалници“ во скијачки скокови итн.

Шаховските турнири во Вајк ан Зе, Дортмунд, Линарес, Рејкјавик, меморијалот „Михаил Таљ“… по својот квалитет и досегашна историја се она што се во светот на тенисот, на пример, еден Вимблдон, кој се смета како неофицијално светско првенство, во велосипедизмот Тур де Франс, во скијачки скокови новогодишната турнеја „Четири скокалници“…
Во светот на шахот имало и сѐ уште има огромен број шаховски турнири на кои играле и играат мноштво шахисти, но и турнири што се исклучително силни, а на кои учествувале и учествуваат многу врвни шахисти, меѓу кои и светски прваци. Еден од нив, кој е во тек и го одбележува своето 83-то издание, a е еден од најстарите и најпознати традиционални турнири, е оној во Вајк ан Зе (Холандија). Првпат се одржал во 1938 година. Доминантен е актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, кој досега победил седум пати.
Друг таков и мошне квалитетен турнир познат во шаховскиот свет е турнирот во Линарес (Шпанија), кој досега имал 27 изданија, на кој доминира поранешниот светски првак Гари Каспаров, дури со девет први места. Почнал во 1978 година и, освен во 1996 година, се одржува редовно до 2010 година.

Секако, свое место зазема и турнирот во Дортмунд (Германија), кој првпат се одржал во 1928, потоа во 1951, во 1961, а од 1973 година секоја година, вкупно 47 пати. Доминира поранешниот светски првак Владимир Крамник со 10 победи. Треба да се спомнат и турнирот во Рејкјавик, Исланд (кој до 2008 година се одржува на две години, вкупно 35 пати), а на кој триумфирале и светските прваци Михаил Таљ и Василиј Смислов, како и меморијалот „Михаил Таљ“ (Русија), кој е во функција од 2006 година (17), а на него, меѓу другите, славеле и Карлсен, Крамник и поранешниот светски првак, Индиецот Виванатан Ананд.
Како споредба, пак, во тенисот постојат четири гранслем-турнири, Вимблдон (133 изданија) почнал од 1877 година, САД опен (124) од 1881-та, Ролан Гарос (124) од 1891-та и Австралија опен (108) од 1905 година. Во велосипедизмот доминираат т.н. грантур-трки, и тоа Тур де Франс (107 изданија) од 1903 година, Џиро д’Италија (103) од 1909-та и Вуелта (75) од 1935 година. Во скијачките скокови, на пример, тоа се „Четирите скокалници“ (69 изданија), кои се одржуваат од 1952 година (обично од 28 декември до 6 јануари) во Оберсдорф, Гармиш-Партенкирхен (Германија), Инсбрук и во Бишофсхофен (Австрија) итн.