Русија во февруари ќе започне со масовно производство на својата втора вакцина против ковид-19, најави денеска премиерот Михаил Мишустин откако минатата недела земјата започна масовна кампања за вакцинација.
– Следниот месец, ќе започнеме со масовно производство на вакцината ЕпиВаКорона – рече Мишустин на состанок пренесуван на телевизија, додавајќи дека руската влада издвоила околу 21,8 милиони евра за оваа намена.
По „Спутник В“ ова ќе биде втора руска вакцина против ковид-19, респираторна болест од која досега починаа повеќе од 2 милиона луѓе ширум светот.
Новата вакцина беше регистрирана во Русија во октомври, а е изработена од лабораторијата „Вектор“ во Новосибирск. Во советско време, оваа лабораторија тајно истражувала биолошко оружје и чувала примероци од разни вируси, од вариола до ебола.
Владимир Путин во понеделникот изјави дека епидемиолошката состојба во земјата се движи кон стабилизација, бидејќи Русија за прв пат од почетокот на ноември пријавила помалку од 20.000 нови инфекции на ден.
Официјалните податоци кои се ажурираат секојдневно покажуваат дека од почетокот на пандемијата во Русија 3.756.931 лице биле заразени со коронавирус, од кои 70.482 починале.