Причината за започнaтaта реформa во основното образование на сите им е јасна, освен на оние што се прават слепи или, пак, навистина се слепи при очи. Во согласност со барањата за прекројување на историјата по мерка на источниот сосед, нашата влада молчешкум почна да прави коренита реформа за основното образование, што треба да се спроведе на врат на нос и без јавна расправа. Според веќе направениот нацрт, предвидено е стопување на повеќе наставни предмети во еден и, што е уште понесфатливо, на предмети од различни научни области! Ова веднаш раѓа сомнеж за стручноста на авторите на овој план, зашто ако не знаат како се распределени научните дисциплини (за такво „знаење“ се добива студентска петка), тогаш јасно е на што ќе личи нивната реформа.
Прв на удар е предметот Историја, со објаснување дека децата учеле само факти, наместо да учат како да ги поврзуваат и како да размислуваат логички. На секој макар и малку писмен човек јасно му е дека образување на независни личности способни за самостојно и критичко размислување, во прв ред со користење на искуство од минатото, е основна цел не само на историската наука туку и на севкупниот образовен процес, и сосема е различно од прашањето дали нашето сегашно образование го овозможува тоа. Ако сме искрени, тогаш одговорот е едно големо „не“.
И веднаш се наметнува прашањето зошто е тоа така. Имено, сите знаеме како се урнисуваше севкупното образование, почнувајќи од највисокото, коешто е „најзаслужно“ за ваквата состојба во основното. Тој процес е започнат од поодамна, со воведување на политичкото мерило за вработување во сите општествени сфери според т.н. морално-политичка подобност. И така наместо мотивиран наставно-научен кадар, какви што беа првите генерации коишто занесено се вградија како во образованието така и во науката, без којашто нема образование, Универзитетот се наполни со луѓе желни за звања и за брзо напредување во струката, згора на тоа и приспособливи. И така студентите коишто не сакаа да губат време и да вложуваат труд за суштинско учење, се стекнуваа со факултетска диплома само врз основа на напамет научени факти. А имаше и такви што не можеа логички да размислуваат зашто и мерилата за запишување на студенти беа спуштени на најниско ниво, а повремено и укинувани – прво за да се намали притисокот за вработување на оние што не беа желни, ниту пак способни за студирање, а потоа, за да се надополнат оскудните средства што државата ги даваше за образованието со делумно (т.н. партиципација) или целосно плаќање на студирањето. И така нивото на студирање од година на година вртоглаво паѓаше. Така на пр. за да се положи некој историски предмет наместо објаснување на процесите, доволно беше да се кажат неколку, често и само еден факт, како историјата да е статистика, а не низа од случувања со повод, причини и последици, што треба да се разберат. Малобројните противници на таквото сфаќање на образованието беа жигосувани, а студентите поттикнувани да бараат комисиско полагање на испитите. Незаконски беа формирани комисии (без предметниот наставник, или пак составувани од историчари за нововековна историја, и тоа за предмет од античка историја!?!), а сите студенти до еден положуваа, неретко и со десет!?! Инспекторатот за високо образование ги поништуваше комисиите, а пак вечниот декан на Филозофскиот факултет, којшто на таков начин обезбедуваше средства за високи плати за наставниот кадар, а за себе деканско место, ги возобновуваше.
Притоа, имаше заканувања со отказ, како факултетот да е негово бакалче каде што вработува деканот, а не наставно-научниот совет врз основа на мислење од тројца релевантни стручњаци од областа за којашто на секои пет години професорите се проверуваат и се избираат. Претпоследниот, пак, декан на Филозофскиот факултет, гледано од денес наназад, од Инспекторатот беше даден на суд за непочитување на решението, но сепак не ги укина комисиите, зашто судската казна беше неспоредлива со заработката од студентите што комисиски го положуваа испитот, запишуваа година и така го полнеа буџетот на Факултетот. И сега, наставници образовани од таквите политички морално подобни генерации професори, со такво, формално, а не суштинско образование (секоја чест на студентите вљубеници во историјата, коишто за среќа ги имаше и кои ѝ даваа смисла на наставата, како и верба во борбата за суштинско образование), треба да го спроведат планот на Владата и да ги учат децата на критичко мислење! Очигледно дека творците на новиот план ја почнале работата наопачки – од опашката наместо од главата, и веројатно не слушнале за народната мудрост дека рибата смрди од главата. Имено, за да се спроведе замислената реформа, прво треба да се создаде кадар што ќе може да ја применува. А кадар се создава со редовно образование, а не со курсеви за обука (како во време на воена состојба), за какви што, ако се примени овој план, нема време.
И што да се очекува од „реформатори“ што јавно признаваат дека не биле „толку стручњаци за историја“ (па се поставува здраворазумско прашање зошто се нафатиле да прават реформи за работи за коишто признаваат дека не се оспособени) ама затоа „знаат“ дека историјата не требало да се изучува хронолошки!?! (како што, патем речено, се изучува секаде во светот) туку да се учела заедно со географијата и со некакво си граѓанско образование. А всушност станува збор за итроманско намалување на историски содржини со објаснување за неопходно поврзување со географијата. Творците на овој план слушнале или, пак, прочитале за некаква поврзаност на историјата со географијата, ама очигледно не дослушнале, а уште помалку разбрале.
Веројатно наслушнале за дисциплината „историска географија“, којашто се занимава со географските и климатски одлики и белези на релјефот, коишто пак ги условуваат економијата, начинот на живот, поврзаноста на областите односно на народите, а со тоа нивната меѓусебна соработка, блискост или спротивставеност итн. Оваа дисциплина е сосема различна од физичката географија, којашто се занимава со составот на карпите, минералите, почвата итн. Токму затоа на многу факултети има предмет Историска географија, но не и кај нас, иако на времето, на Педагошката академија, имаше двопредметна насока Историја со географија токму за одделенските и предметните наставници. И целиот овој карамбол од општествени и хуманистички науки, каде што ги ставија и религијата и етиката, го нарекоа општествени науки!?! И не само тоа туку додадоа и некаква си општествена историја?!?! Простете за моето незнаење, ама јас првпат слушам за ваков предмет или дисциплина. Не знам, и не верувам дека мислат на општествените уредувања што се создавале и надградувале во текот на историските процеси.
Ама ако мислат на тоа, треба само да ја погледнат студиската предметна програма на Институтот за историја на Филозофскиот факултет, каде што во 2012-та го воведов предметот Антички државни уредувања, зашто уште во антиката се создадени сите видови уредувања застапени во светот до ден-денес, а сѐ со цел студентите да го разберат напредокот на човештвото низ историските процеси и да се одлепат од сфаќањето на историјата првенствено како воено-политичката, што за жал долго преовладуваше кај нас и полека почна да се отфрла од најновите генерации историчари. По моето пензионирање, од моите наследници, а врз основа на методските единици од направениот наставен план, напишан е и учебник за овие уредувања, и реформаторите треба што поскоро да го прочитаат за да сфатат што е тоа историја.
Вооружени со вакво „знаење“ за само 100 дена (успех за Гинис) и без учество на стручњаци за ниту еден од односните предмети, кои всушност треба да бидат носители на реформата, а психолозите и педагозите да им бидат само логистика, токму вториве, политички морално подобни, итромански смислија како да ја укинат историјата – ставајќи ја во еден предмет со уште четири други, што е генијален изум од видот на референдумското прашање три во едно, притоа убедувајќи нѐ во сосем спротивното.