Убиството на познат белградски адвокат, кое се случи во саботата во претходно организирана заседа, потсетува на класична мафијашка пресметка
Убиството на адвокатот Драгослав Огњановиќ е продолжение на серијата неразјаснети ликвидации во Белград. Последната ликвидација, која е спроведена со класична заседа на белградските улици, има професионален потпис. Ова убиство на познатиот белградски адвокат е деветнаесетто од почетокот на годината во Србија, и потсетува на класична мафијашка пресметка, пишува „Дојче веле“.
Доколку последното убиство се гледа низ призмата на судирот меѓу Кавачкиот и Шкаљарскиот клан, од црногорскиот приморски град Котор, или како пресметка меѓу „навивачките“ групи, ликвидацијата на Огњановиќ е 22-то убиство годинава.
Огњановиќ во својата кариера имал многу случаи што му носеле добар приход. Тој го застапувал криминалецот Лука Бојовиќ, поранешниот претседател на Србија Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, бил застапник на обвинетите во постапката за убиството на францускиот навивач Брис Тантон и на навивачот на Црвена звезда Велибор Дуњиќ.
Српската полиција по ова убиство поведе акција под називот „Виор“, а Адвокатската комора на Белград и на Србија, вчера ја прекина работата во период од една недела, во знак на протест за ликвидацијата на нивниот член, пишува „Дојче веле“.
– Убиството покажува дека мафијата мисли дека може да направи буквално сѐ. Сега кој ќе смее да се зафати со одбрана на близок до криминални структури, ако се во прашање сериозни мафијашки групи и убиства што се поврзани со тоа. Ова е порака, како кога ќе се убие новинар, тоа е порака до сите новинари да престанат да пишуваат за работи што може да ги чинат прескапо. Но мислам дека на овој начин им се испраќа порака на државните институции, судовите и на адвокатите – вели Божо Прелевиќ, адвокат и поранешен коминистер на полицијата.
Саша Ѓорѓевиќ, од Белградскиот центар за безбедносна политика, вели дека последното убиство во Белград покажува дека обвинителството и полицијата немаат адекватен одговор на мафијашките пресметки.
Адвокатот Драгослав Огњановиќ е убиен во саботата, неколку часа по изјавата на српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, кој се пофали за значајно намалување на стапката на криминалот во споредба со претходните месеци. Тој посебно нагласи дека не е извршено ниедно убиство во пресметка со криминалните групи.
Божо Прелевиќ, за „Дојче веле“, вели дека ваквите изјави на министерот изгледаат гротескно.
– Ми се чини дека тие мислат дека ние се чувствуваме безбедно. Гледајте, Србија е преплавена од дрога и од бесправна градба. Тоа се истите оние што преку ден ѕидаат нелегални згради, а навечер продаваат дрога. Сѐ се врти околу партиите на власт и овој криминален, финансиски, политички центар ги уништува правниот систем и слободата на медиумите – оценува Прелевиќ.
Почетокот на серијата убиства во Белград е ликвидацијата на водачот на навивачите на Партизан, Александар Мутави, пред две години. Тој беше на слобода иако беше правосилно осуден на затворска казна.
– Дополнителна загриженост предизвикува и тоа што добивме нов шеф на криминалистичката полиција, но сѐ уште не слушнавме што ќе биде негов приоритет – напоменува Саша Ѓорѓевиќ.
Едно од објаснувањето за тоа зошто нема сериозен одговор од државата на порастот на организираниот криминал во Србија, како што вели Божо Прелевиќ, се чистките во државната управа и наезда на луѓе со купени дипломи.
– Необразовани, корумпирани и наведувани од навивачи и политичари, тоа е сликата за немоќта на државата. Власта на тој начин доби послушници во институциите, а тие не може да излезат на крај со овој вид финансиски силен криминал – вели Прелевиќ.