Аргентина одобри употреба на руската вакцина против коронавирусот, пренесе локалната телевизија „Тодо Нотицијас“. Ова го потврди и рускиот Фонд за директни инвестиции, кој е финансиски покровител на вакцината „Спутник 5“. Аргентина претходно ја одобри и употребата на вакцината на „Фајзер“.
– Аргентина е прва латиноамериканска земја што официјално ја одобри ‘Спутник 5’. Вакцината е официјално одобрена за итна употреба, врз основа на резултатите од клиничките испитувања во третата фаза, спроведени во Русија и без дополнително тестирање во Аргентина – се вели во соопштението на рускиот фонд.
Според медиумите, во Москва веќе е пристигнат аргентинскиот авион кој дошол по руските вакцини.
Аргентина претходно ја одобри употребата и на вакцината на „Фајзер“.
Вакцината „Спутник 5“ во моментов се тестира во Русија на волонтери над 60 години. Директорот на центарот „Гамалеја“, кој ја направи вакцината, Александар Гинцбург, на 11 декември објави дека по втората доза на вакцината „Спутник 5“, никој од волонтерите од постарата генерација не бил позитивен на коронавирусот.