Небесниот феномен ќе може да се види од кое било место на Земјата, но условите ќе бидат најдобри во близината на екваторот, тврди научникот Патрик Хартиган
Голема конјункција на Јупитер и Сатурн
Пред самиот крај на тешката и неизвесна 2020 година, Сончевиот Систем одлучи да нѐ израдува со божиќно и космичко чудо. На 21 декември, понеделник, на небото ќе се случи вонсериски настан. На овој ден двете најголеми планети во нашиот Сончев Систем, Јупитер и Сатурн, ќе се изедначат. Таквата положба на планетите ќе ја создаде Витлеемската ѕвезда. Оваа појава не се случила цели осум века.
На денот на зимската краткодневица, Јупитер и Сатурн ќе бидат во иста линија и ќе создадат двојна планета, што е навистина ретка појава во астрономијата. Токму тоа се случило кога е роден Исус Христос и затоа оваа појава е позната како Витлеемска или Божиќна ѕвезда. Затоа, и според обичаите, кога се кити божиќната елка, токму таква ѕвезда се става на врвот.
Астролозите на Древниот Вавилон во оваа појава препознале важен настан, раѓањето на Спасителот, бидејќи Витлеемската ѕвезда се појавила во соѕвездието на Лав, а тој го претставува Израел. Оттаму и верувањето дека тогаш од Багдад, кој бил најдобар астрономски центар, кон Ерусалим тргнале тројца мудреци, кои знаеле да ги читаат знаците на небото.
Како што објаснува Британската енциклопедија, дошло до некои поврзувања во тек од десет години од хронолошката точка, која сега се зема како почеток на христијанската ера. Едно од нив е конјункцијата на Јупитер и Сатурн. Но Витлеемската ѕвезда можела да биде и Венера и Јупитер.
– На набљудувачите во Вавилон им изгледало дека ѕвездите се поклопиле непосредно пред заоѓањето на сонцето, во правецот на Витлеем на запад – тврдат историските факти.
Можеби се прашувате зошто овој настан е толку посебен? Затоа што конјункцијата на Јупитер и Сатурн се случува на 0 степени, а во астрологијата нулата означува почеток. Исто така овие две најголеми планети влијаат на сѐ. Сѐ се случува во најкраткиот ден во годината, по што повторно доаѓа светлината. За време на овој настан, кој се нарекува и Голема конјункција, Сатурн ќе биде оддалечен 10 АЕ (астрономски единици) од Земјата, додека Јупитер ќе биде оддалечен 5 АЕ, а ќе изгледа дека се помали од радиусот на полната Месечина.
Необична и ретка појава
Последен пат овој танц на гигантите на небото се случил на 3 март 1226 година, кога уште бил жив Галилео Галилеј, но бил тешко воочлив, бидејќи се случувал во близината на Сонцето и се губел во сончевиот одблесок.
– Изедначувањето на планетите било јасно видливо во зората на 4 март 1226 година – тврди астрономот Патрик Хартиган од универзитетот „Рајс“ во Тексас, САД.
Сатурн и Јупитер повторно ќе се доближат, но не како на 21 декември, дури на 15 март 2080 година. Потоа нема да има друга можност сѐ до 2400 година.
Како ќе може да се види небесниот феномен?
Божиќниот небесен бакнеж ќе се појави ниско на западното небо, приближно еден час по заоѓањето на сонцето.
– Небесниот феномен ќе може да се види од кое било место на Земјата, но условите ќе бидат најдобри во близината на екваторот – тврди научникот Патрик Хартиган.
Од НАСА истакнуваат дека двете џиновски планети ќе се појават на само десеттинка степен оддалечени една од друга, што е приближно како дебелина на паричка, која се држи во рака. За да се погледне убаво оваа ретка појава на небото, времето треба да биде ведро и да сте на видиковец од каде што се протега хоризонт, што не го затскриваат дрвја и високи згради. Јупитер е поголема планета и оние со добар вид или, уште подобро, со двоглед ќе можат да го разликуваат од Сатурн. На другите, планетите ќе им изгледаат како една ѕвезда.
Астролозите истакнуваат дека планетите имаат тенденција да блескаат или да треперат, што е помалку видливо од сјајот на ѕвездите, па тоа би можело да ни помогне да ги разликуваме. Дали оваа појава, како што се тврди деновиве, ќе предизвика астролошки хаос или магија и дали овој судир на планетите ќе може да ја навести нашата иднина?
Според астрологот Сузан Милер, Големата конјункција во наредните 20 години ќе влијае на уметноста, музиката, театарот, литературата, забавата, модата, храната, математиката, науката, политиката… Со други зборови, ќе влијае позитивно на сѐ.