Беше тешко, имав четири борби, но кога мотивот е Македонија, тогаш сѐ е полесно. Со овој медал сега имам подобра ждрепка за олимписките квалификации, кои практично се и мојот следен настап во јануари 2021 година. Сакам да му се заблагодарам на стручниот штаб, особено на селекторот д-р Борче Костовски, и да порачам дека македонската јавност допрва ќе се радува на уште поголеми успеси од овој сега, кој секако дека е историски, вели Георгиевски, кој досега на татамите победувал европски, светски и олимписки прваци
ТАЕКВОНДО – ПО НОВИОТ ГОЛЕМ УСПЕХ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО
Нов европски блесок на младиот македонскиот таеквондист и член на клубот Бутел од Скопје, Дејан Георгиевски (21), но овој пат на татамите во Сараево (БиХ), со освоениот сребрен медал на Европското првенство (ЕП).
– Во 2017 година бев европски шампион, па секако дека и на ова ЕП очекував медал, но златото ми побегна за еден поен. Спортот понекогаш знае да биде суров. Беше тешко, имав четири борби, но кога мотивот е Македонија, тогаш сѐ е полесно. Со овој медал сега имам подобра ждрепка за олимписките квалификации, кои практично се и мојот следен настап кон крајот на јануари 2021 година. А таму само финалистите од секоја категорија ќе обезбедат норма за Летните олимписки игри во Токио во 2021 година. Сакам да му се заблагодарам на стручниот штаб, особено на селекторот д-р Борче Костовски, и да порачам дека македонската јавност допрва ќе се радува на уште поголеми успеси од овој сега, кој секако дека е историски – ни изјави Георгиевски, кој секогаш стреми кон врвот, а досега на татамите победувал европски, светски и олимписки прваци.
Стипендистот на Македонскиот олимписки комитет во првата борба (категорија над 80 кг) го елиминира Унгарецот Андреј Гарбар, со 11-4, потоа и Динко Шегедин од БиХ (12-7), како и Шпанецот Рос Даниел (11-4). Во големото финале, минимално со 18-19, Георгиевски загуби практично добиен меч од поранешниот светски првак, Иранецот Махди Кобадабакши, кој сега настапува под знамето на Србија. Златото, кое беше на дофат, сепак му побегна, но медалот останува историски, и тоа во спорт што е олимписки.
– Предноста од ова сребро е што сега е можно да има измени во ждрепката за квалификациите, односно Дејан да има полесни противници. Со овој успех тој само ги потврди својот сериозен пристап и континуитет на патот кон квалификациите, а потоа да се надеваме и на медал на ЛОИ. Сега најверојатно ќе следуваат 22-дневни подготовки, а потоа квалификацискиот турнир за ЛОИ во Софија. Во Токио во секоја категорија ќе настапат по 16 натпреварувачи, а веќе е познато дека шестмина имаат обезбедено бодовна норма за ЛОИ, но кои тие ги собираа четири години, а Дејан три години, бидејќи една година беше јуниор. Сега во борбата за олимписка норма остануваат натпреварувачи со кои Дејан досега во борбите со нив има позитивен исход. За ЛОИ 2024 во Париз, пак, и тој ќе тргне како и сите други, па со право можеме да се надеваме на олимписка бодовна норма, а не преку квалификациски турнир – рече Костовски.
Георгиевски зад себе веќе има богата колекција медали. Тој е носител на бронза од ЕП (до 21 година) и на злато од сениорското ЕП во 2017 година со само 18 години, потоа бронза од ЕП (до 21 година) во 2018 година, сребро од Медитеранските игри пред две години, а е и повеќекратен првак на Македонија. Квалификацискиот турнир за ЛОИ, кој требаше да се одржи во Милано, како и сениорското ЕП, беа одложени поради пандемијата на ковид-19, а отпаднаа и четирите Г1-турнири, каде што Георгиевски требаше да ја темпира формата.
Вториот македонски претставник Филип Додевски (категорија до 80 кг) загуби во првото коло од Шпанецот Чикоте Хавиер, а вчера требаше да настапи и третиот претставник, Анамарија Георгиевска (до 67 кг).