Според истражувањата објавени во светските медиуми, софистицираните методи за прочистување на воздухот од бактерии се најдобро решение за заживување на угостителската гранка од економијата. Поради тоа некои од владите низ светот ги субвенционираат угостителите за новите вентилациски системи во нивните објекти

Со завршувањето на летната сезона на отворени тераси, сопствениците на рестораните и на баровите на северната хемисфера ги мачи дилемата како да ги задржат клиентите што сакаат да седат внатре на топло за време на зимата. Истовремено, познато е дека стапката на ширење на ковид-19 е поголема на затворено, па, така, угостителите периодов прават сѐ да создадат простор за да ги сместат оние што сакаат да бидат безбедни внатре во објектите. Ова значи дека, покрај неопходните протоколи за физичко дистанцирање, заштитна опрема и хигиена, одредени нови „инженерски контроли“ фокусирани на подобрување на вентилациите би можеле добро да се покажат, за да им се гарантира безбедноста на гостите и вработените од евентуално ширење на опасниот вирус во затворен простор. Имено, „Еуроњуз“ на оваа тема пишува дека во периодот што следува главниот приоритет на владите низ светот мора да биде заштитата на јавното здравје додека се борат со пандемијата. Благодарение на тоа, повеќето влади укажуваат на опасноста од воздушната трансмисија на вирусот, па, оттаму, тие им сугерираат на угостителите во овие времиња да инсталираат напредни технолошки вентилации, за да се прочистува воздухот од аеросолите во затворените објекти. Токму затоа во некои западни земји, според медиумот, властите дури и ги субвенционираат угостителите за да ги инсталираат напредните системи за воздушно прочистување на затворените објекти.

Ги убива вирусите за неколку минути

Во меѓувреме, Дејвид Бренер, кој е биофизичар на њујоршкиот универзитет „Колумбија“, се надева дека, покрај софистицираниот вентилациски систем со високоефикасните филтри (ХЕПА) во угостителските објекти, и ултравиолетова светлина ќе биде една од најдобрите технико што ќе се користат, која е докажана за дезинфекција на затворените простори. Имено, според него, со оваа технологија за неколку минути се убиваат бактериите и вирусите, што досега било потврдено во експериментите. Истражувачот предвидува дека во иднина ќе се користат милиони УВЦ-светилки, кои може да се произведуваат по ниски цени и да се постават во училиштата, трговските центри, болниците, аеродромите, возовите, рестораните и продавниците. Бренер веќе докажа дека коронавирусите умираат кога се изложени на оваа светлина, а во студијата што ја објави во списанието „Саентифик рипортс“ вели дека вирусите во воздухот со овој метод се уништуваат за осум минути, а за 25 минути исчезнуваат 99,9 отсто од нив.

Проветрувањето е неопходно

Наједноставното и бесплатно решение за внатрешните аеросоли е проветрувањето, за кое физичарот Лозе Хисе смета дека е „неопходно“, при што со редовно практикување се внесува свеж воздух и се намалува концентрацијата на аеросоли. За жал, проветрувањето има и негативна страна, а тоа е дека не може да функционира секогаш, особено кога надворешната и внатрешната температура се речиси исти и нема природно струење. Експертите препорачуваат просториите да се проветруваат целосно, во времетраење од пет минути неколкупати во денот. Ова особено важи за угостителските објекти, а за повеќето од нив е потребно реновирање. Научниците во сојузната германска држава Рајна-Вестфалија во периодот што измина испитале 363 гости во баровите и откриле дека само по еден час престој со затворени прозорци, речиси половина од нив имале висока концентрација на јаглерод диоксид, што се смета за „хигиенски неприфатливо“ според сегашните препораки.

Сепак, и покрај сѐ, треба да се има на ум дека рестораните, баровите и кафулињата во Европа навистина се неопходни во сите економии и општества. Тие се едни од најпогодените сегменти од пандемијата, кои, пак, нудат флексибилни работни места, генерално на помладата работна сила, и традиционално обезбедуваат добра поддршка за време на економска криза. Поради сите овие причини, бриселскиот медиум наведува дека мора да им се помогне финансиски на угостителите за да им се направи простор повторно да можат да ги отворат вратите за гостите и за време на зимата.