Зборуваме македонски со Владо Димовски (47)
Еве еден договор. На сцената се осмоодделенците од едно скопско основно училиште.
– Ајде да се преброиме! Значи, јас, Владо Мето, Славчо, Менчето, Горде и Билјанчето.
– Да не заборавивме некого?
Овде имаме една интересна ситуација – Билјанчето. Но, пред да кажам нешто, едно објаснување: буквата љ се пишува само пред самогласките а,о,у и на крајот од зборот. Ако е така, тогаш не велиме Билјана, туку Биљана. Или велиме Кољо, Љупчо, а не Колјо, Лупчо.
Со арно, со убаво!
Чувајте го јазикот!
„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!