Во текот на изминатите 12 месеци, во југозападниот дел од земјава беа собрани над 120 убојни и минско-експлозивни средства, кои ќе бидат уништени во акцијата што ќе се организира во втората половина на месец април или првата половина од месец мај, на воениот полигон Криволак.
-Во текот на изминатата календарска година, поточно за една година, во југозападниот дел од земјава беа собрани над 120 убојни и минско-експлозивни средства од различна старост и калибар. Во овој арсенал има убојни средства од Балканските војни, Првата и Втората светска војна, како и средства останати од поранешната ЈНА, која на овие простори функционираше до крајот на деведесетите години. Овие убојни средства беа собрани во општините: Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Кичево, Македонски Брод, Пласница и Дебарца. Во претходниот период уништувањето на овие средства на воениот полигон Криволак се вршеше двапати годишно, напролет и наесен, но годинава од оправдани причини ќе се изврши само еднаш, и тоа во месец април или почетокот на мај на истиот полигон. Во нашиот регион имаме нешто помал арсенал на собрани убојни средства за разлика од претходните години, кога од Охридското Езеро беа извадени поголеми количества заостанати минско-експлозивни и убојни средства. Уништувањето ќе се изврши пред комисија и во присуство на првите луѓе од Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија-рече Драгољуб Попоски, еден од неколкуте пиротехничари од земјава задолжени за уништување на собраниот арсенал.
Според неговите зборови, овој пат со најмногу собрани експлозивни и убојни средства предничи југоисточниот дел од земјава и тоа благодарение на големиот арсенал на убојни средства пронајдени во Гевгелискиот регион.
З.А.