Фото: Архива

ПЛАСНИЦА

По многу години и децении и жителите на Преглово, село со 1.400 жители во Општина Пласница, конечно ќе го симнат од дневен ред проблемот со континуирано водоснабдување. Се гради нов водовод, кој е во завршна фаза и кој ќе биде пуштен во употреба наскоро.
– Проблемот што многу години ги мачеше жителите на Преглово поради немањето доволно количество вода за пиење, со изградбата на новиот селски водовод конечно ќе биде надминат. Новиот селски водовод во селото Преглово се гради со средства што ги обезбеди Владата во износ од девет милиони денари – вели Елсан Нурчески, в.д. градоначалник на Општината.
За потребите на новиот селски водовод беше изграден цевковод со должина од 4.500 метри. Покрај магистралниот цевковод, за новиот водовод е изграден и секундарен цевковод од дополнителни 1.000 метри, од каде што ќе се добијат нови количества квалитетна вода, со што за селаните од Преглово ќе се обезбедат минимум 30 литри вода во секунда и во најсушниот период од годината, што ќе им овозможи на селаните од ова населено место безгрижно да живеат и да не стравуваат од водна криза.
Со изградбата на новиот селски водовод и изградбата на патиштата до и во селото, се обезбедени главните предуслови за намалување на иселувањето на жителите од ова село и од целата Општина Пласница, кое, за жал, е присутно во висок степен во последните две децении.
– Конечно ќе имаме вода за пиење. Во лето кога е суша ќе имаме водоснабдување – вели Веиз С., жител на ова село со многу печалбари и многу убави куќи изградени токму од нив. З.А.