Откако е утврдено дека две воспитувачки се позитивни на коронавирус, а за една негователка се чекаат резултатите од тестот, затворена е детската градинка „Ѕвездичка“ во Битола, која работи во составот на Централната детска градинка „Мајски цвет“.
Затворање ѝ се заканува и на детската градинка „Славејче“ бидејќи две воспитувачки и една негователка имаат покачена телесна температура, поради што децата од нивните групи се вратени дома.
Ова денеска го изјави директорката на градинката „Мајски цвет“ Снежана Тодоровска, според која во изолација се 23 деца, а доколку се потврди дека и негователката е позитивна, ќе се изолираат уште 6 деца.
Директорката на „Мајски цвет“ Снежана Тодоровска вели дека во градинките доследно се почитуваат протоколите, и дека лицата се заразуваат надвор, а не во градинките.
М.М.