Бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро, предизвика конфузија и негодување откако прогласи „победа“, суспендирајќи ги клиничките испитувања на кинеската „Коронавак“, по наводната смрт на волонтер вклучен во тестирањето, пренесува „Гардијан“.
Здравствениот регулатор на земјата, „Анвиса“, завчера објави дека го запрел тестирањето на вакцината на кинеската биофармацевтска фирма „Синовак Биотек“. Голем број критичари на Болсонаро го гледаат ваквиот потег како политички мотивиран, а раководителот на бразилскиот истражувачки центар кој го координира судењето за случајот тврди дека смртта на волонтерот не е поврзана со вакцината, туку се работи за самоубиство, што е потврдено и од извештај прикажан од судијата.
– Смртта на волонтерот не е резултат на вакцината. Ваквата одлука нам ни е чудна, бидејќи никако не е поврзана со ефектите од вакцината. Во истражувањето се вклучени повеќе од 10.000 волонтери – вели Димас Ковас, директорот на истражувачкиот центар „Бутантан“.
„Коронавак“ се развива во партнерство со „Бутантан“, кој е со седиште во Сао Паоло. Нејзин застапник е и гувернерот Жоао Дорија, кој е еден од најголемите политички противници на Болсонаро. Многумина веруваат дека Дорија ќе го предизвика Болсонаро за претседателската функција во 2022 година. Дел од неговите ветувања е дека ќе спроведе план за задолжителна вакцинација со вакцината, додека Болсонаро се спротивставува на ваквиот потег.
– Ова е вакцината што Дорија сакаше да ги присили сите во Сао Паоло да ја примат. Уште една победа за Жаир Болсонаро! – гласи објавата на официјалниот фејсбук- профил на Болсонаро.
Необичната „победа“ на Болсонаро предизвика низа од негодувања и реакции.
– Болсонаро тврди дека победил, а реалност е дека има 163.000 мртви од вирусот во Бразил. Тој е чуден, неодговорен и смешен, и повторно покажа дека не му е грижа за животот на народот, туку само за неговите сопствени идеолошки интереси. Тој третира сè како идеолошка војна – објави Флавио Дино на Твитер, левичарски гувернер на државата Марањао и една од клучните фигури во опозицијата на Болсонаро, кој исто така има шанса да го победи во следната претседателската трка.
Одлуката за стопирање на тестирањата доаѓа само неколку дена пред доставата на првата голема пратка од 120.000 вакцини да пристигне во Бразил на 20 ноември. Болсонаро во минатото ја минимизираше опасноста од коронавирусот, а предизвика и конфузија кај населението минатиот месец кога јавно ја одби „Коронавак“, велејќи дека Бразилците нема да бидат третирани како заморчиња.
Критичарите долго време предупредуваа дека со непочитувањето на соодветно меѓународно тестирање и безбедносните протоколи се ризикува нарушување на довербата на јавноста и потенцијално може да ја зголеми одбивноста кон примање на успешна вакцина.