Европската комесарка за трговија, Сесилија Малмстром утрово најави дека доколку САД се одлучат за царини врз европските возила, како што сугерираше Доналд Трамп, ЕУ веќе има готов список на нови производи кои исто така ќе се оданочат.
– Доколку САД наметне царини врз автомобилите, тоа би било многу несреќно. Заедно со нашите земји членки ние подготвуваме список на мерки на ребаланс во тој дел исто така – изјави утрово Малмстром.
Малмстром не прецизираше кои производи би биле погодени, но се споменуваат јагленот како и хемиската и фармацевтската индустрија, кои се сите чувствителни сектори за американската економија.
Трговската војна помеѓу САД и ЕУ започна со одлуката на Доналд Трамп да ги оцарини челикот и алуминиумот со 25 отсто, на што ЕУ одговори со царини врз традиционални американски производи како моторите Харли Дејвидсон и фармерките Левис. Овие возвратни мерки на ЕУ не компензираат за загубата од челикот и алуминиумот, објаснуваат експертите, но ги таргетираат директно деловите на САД каде се наоѓа гласачкото тело на Трамп.
Но, ЕУ стравува уште повеќе од царини врз автомобилската индустрија, нешто што најмногу би ја погодило Германија и се очекува европскиот одговор во тој случај да биде поостар.
Поради американските рестрикции врз челикот, ЕУ наметна и заштитини мерки кон сите трети земји кои извезуваат челик. ЕУ смета дека треба да се заштити од челикот кој изворни бил наменет за американскиот пазар, а сега би можел да го преплави европскиот поради американските царини.
Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, ќе отпатува во Вашингтон на средба со Доналд Трамп на 25 јули во обид да ги смири трговските тензии помеѓу двата блока.
Малмстром посочи дека Јункер не од таму да преговара нов трговски договор со САД, бидејќи нема мандат за такво нешто.